Анѓушев: Новиот сопственик на „Фени“ ќе го одредат доверителите

од desk2

Вицепремеирот за економски прашања, Кочо Анѓушев, е оптимист дека „Фени Индустри АД Кавадарци“ ќе се рестартира и оти целосно ќе бидат обештетени помалите доверители, а трите банки најголеми доверители ќе се договорат со новиот инвеститор дел од долгот веднаш да им биде платен, а дел да биде реструктуиран.

Изборот на новиот инвеститор во „Фени“, како што нагласи, сега е во рацете на судските власти и доверителите.

„Која компанија конечно ќе стане сопственик на ‘Фени’ ќе се одреди од одборот на доверители согласно транспарентна законска постапка. Ќе биде избрана компанијата која ќе понуди најдобра програма, односно ќе донесе најмногу финасиски средства за отплаќање на долговите и при тоа ќе покаже капацитет и способност да менаџира со фабриката“, изјави Анѓушев, одговарајќи на новинарско пршање пред промоцијата на Канцеларијата на претставништвото на италијанската „Конфиндустрија“ во Македонија.

Тој посочи дека новиот сопственик на „Фени“ ќе треба да покаже дека има извор на руда, технологија, знаење и кадар за да може да раководи со компанијата.

„Кунико“, сегашниот сопстеник на „Фени“, додаде, го опструира процесот со барањете за изземање на Велешкиот суд кој е надлежен за стечајната постапка на „Фени“, а секоја понатамошна опструкција ќе значи продолжување на процесот.

Во меѓувреме, Пеце Ристевски, претседател на Синдикатот за индустрија, рударство и енергетика информираше дека заинтересирани инвеститори пристигнале во „Фени”. Според информациите кои ги има тој се работи за четири заинтересирани компании.

По еден швајцарски и британски фонд, француско – израелска компанија и „Енекод Бугарија“, но не знае кој од нив точно е на увид во комбинатот во Кавадарци.

„Ние ги имаме нашите барања кои се јасни, континуитет во работниот однос без прекин и исплата на плати секој месец, задржување на работа на сите затекнати работници. Сите инвеститори мора да постигнат договор со доверителите значи банки, транспортери и останати, на кој начин и во кој период ќе го измират долгот, тоа е едниот приоритет. Второ, мора да ги обезбедат тие средства за репроматеријали, за руда за јаглен и тоа е главното што тие мора да го направат, да го решат проблемот со долговите и да ги обезбедат сите услови за нормално одвивање на процесот на производство“, информира тој.

Слични содржини