Архиепископ Јован: Погубната политика нѐ раскара со сите соседи

од Vladimir Zorba
92 прегледи
Нема воскресение без крст и страдање, па се лаже секој кој има намера да стигне до сопственото воскресение, без да помине преку крстот Христов. Велиме крстот Христов, не крстот сопствен, зашто сопствениот крст ќе го носиме во секој случај, верувале или не верувале во Бога. Но, Христовиот крст го земаме на себе свесно, доброволно и со вера дека ќе нѐ доведе до воскресение и живот вечен, вели во своето велигденско послание архиепископот Јован од ПОА.

Притоа тој додава:

„Неговиот крст го земаме тогаш кога се каеме и бараме прошка, но и тогаш кога им проштеваме на тие што ни згрешиле. Го земаме тогаш кога не му завидуваме на ближниот, кога не злопамтиме, кога се откажуваме од праведна одмазда, кога ги љубиме непријателите. Ова не го прави оној што го носи само сопствениот крст и само сопствените маки и страдања. Ова го прави само оној што го зел на себе Христовиот крст и има надеж во Неговото воскресение.

И нашата татковина денес е на крстопат на кој е доведена заради неуспешна политика на оние што се занимаваат со неа. Нема да заборавиме дека токму тие политичари кои ја доведоа нашата татковина во ваква мизерна состојба, претходниве години правеа сѐ да ја држат што е можно подолго на крст нашава Црква. Со Бога битката ја загубија, црквата остана и опстана зашто таа не е од човек, но што ќе биде со нашата татковина? За жал, таа не е црква и не ѝ е обезбедено со сигурност место во вечноста.

За долго да опстане, за ние да имаме полза од управувањето со неа, треба да имаме одговорни политичари, политичари што се подготвени да служат на граѓаните. Кај нас од оне што се занимаваат со политика ретко кој истата ја разбира како служба, туку како власт. За жал повеќето ја разбираат како власт во нејзината најгруба форма, да се владее апсолутистички, стекнувајќи од тоа своја лична добивка. Згора на тоа некои дури мислат дека власта ја добиле со тестамент од родителите, па имаат неотуѓиво право на неа.

Со таквото неодговорно владеење ја отуѓуваат татковината од сопствените граѓани. Колкумина само во последниве години си заминаа од државата? А сигурно не заминале зато што овде ги имале сите услови на напредок? Заминале пред сѐ од револт кон погубната политика која нѐ раскара со сите соседи, без исклучок и нѐ остави како пуст остров на сред океан, без никој кој може да ни подаде рака во овие тешки моменти“.

Слични содржини