Почна прекопувањето на регионалниот пат Битола – Новаци кој води до РЕК Битола. Се прави канал низ кој ќе помине водата по што се очекува нејзиниото ниво во поплавените подрачја да се намали за еден метар.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски дозволил намерно да се сечи регионалниот пат кој води до РЕК Битола за да се направи пропуст на водата која му се заканува да го поплави целото село Новаци.

– Го пресекуваме регионалниот патен правец Битола – Новаци за да се ослободи водата од реката Црна и да се избегне големата опасност од поплавување на селата во општина Новаци, изјави директорот на Центарот за управување со кризи Шабан Салиу.

Со испуштање на водата, додаде, ќе се избегне опасноста да влезе во куќите и да предизвика голема материјална штета.

– Ако треба ќе направиме и други вештачки корита за да може водата да продолжи да тече со што ќе се намали целокупното водно пространство во овој дел и општина Новаци ќе биде ослободена од опасноста од големи материјални штети, како на земјоделските површини, така и на индивидуалните објекти кои се во голема опасност истакна Салиу.

Според градоначалникот на Општина Новаци Лазар Котевски, сечењето на патот е неизбежен потег зашто ситуацијата е тешка.

– Во Новаци имаме изградено одбранбени насипи, но прелевањето на водата од едната на другата страна на патот беше неизбежен. Комуникацијата на населението меѓу општините Битола и Новаци во наредниот период ќе се врши по обиколницата што води кон селото Добромири, Агларци, Дедебалци, Добрушево до Тополчани, а оттаму граѓаните ќе можат да пристигнуваат во Битола, објасни Котевски.

Во договор со генералниот директор на РЕК „Битола“, на местото каде што е пресечен регионалниот патен правец Битола – Новаци и кој воедно служи за превоз на работниците во комбинатот, ќе биде поставен времен подвижен премин исклучиво наменет за пешаци. Преку него ќе се врши преземање на работниците од едната до другата страна и обратно.

Одлуката за сечење на регионалниот пат до РЕК Битола беше донесена по денешниот состанок на регионалниот кризен штаб.

 

Фото: ТЕРА

Слични содржини