Другата страна на референдумот во Каталонија

од desk2

Демонстранти се собраа во недела во Барселона завиткани во шпански знамиња да го изразат своето незадоволство од прогласувањето на Каталонија за независна држава надвор од рамките на Шпанија по референдумот одржан пред една недела, кој беше прогласен за противуставен.

Каталонците, кои себеси се нарекуваат „тивко мнозинство“ се противат на отцепувањето од Шпанија, по една недела молчење и анксиозност предизвикана од најголемата политичка криза во Шпанија на оваа генерација.

Стотици луѓе се собраа на главниот плоштад во Барселона и вееја жолто-црвени знамиња и пееја „Да живее Шпанија“, Viva España.

„Можеби молчевме предолго“, вели Алехандро Маркос, 44, за AFP. „Се чини оние кои беа погласни, тие се слушаат. Затоа решивме да го кренеме нашиот глас и да кажеме гласно дека не сакаме независност“.

Некои демонстранти го повикаа сепаратистичкиот претседател Карлес Пучдемон да замине во затвор заради одржувањето на референдумот за независност покрај противењето на шпанската влада и судовите.

„Единството на Шпанија не може да биде надгласано или да е тема на преговори–мора да се одбрани“, пишуваше на еден од транспарентите.

Пред точно една недела во Каталонија се одржа референдум за независност кој шпанскиот суд го суспендира, а владата во Мадрид го прогласи за незаконски. Референдумот се одржа со полициско насилство и со бројни повредени граѓани и полицајци.

Повеќето кои излегоа на гласање, гласаа за независност, но на референдумот излегоа помалку од половината запишани избирачи.

Вчера во Барселона, Мадрид и други шпански градови се одржаа митинзи за единство на Шпанија.

Од друга страна, одржан е собир за независност на Каталонија чии организатори ги повикаа демонстрантите да носат облека во неутрална бела боја, без знамиња.

Слични содржини