DW: Тензиите добија мандат за „влада“

од desk2

Расте загриженоста по нападите врз новинари, но и по шпекулациите за црни сценарија кои може да ја загрозат безбедноста. Могерини побара политичарите да ја омекнат реториката. Нивната одговорност е пред голем испит, информира DW.

„Сите политички лидери имаат одговорност да ја омекнат реториката и да не дозволат ситуацијата да прерасне во меѓуетнички или геополитички конфликт. Ова е комплексна земја, во комплексен регион и не ни е потребен оган“, порача вчера високата претставничка за безбедносна и надворешна политика, Федерика Могерини, пред заминување од Скопје.
Оваа нејзина изјава привлече најголемо внимание, со оглед дека се случува во време на секојдневни закани, напади и навреди врз новинари, мобилизација на средношколци на протести, говор на омраза и хушкачки пораки кон етнички заедници, неистомисленици и дипломати, а засега без видливи сигнали дека тоа ќе престане. Последни во низата се недоличен и навредлив атак кон новинарот Борјан Јовановски и искршени прозорци во домот на политичар од опозицијата, кој не сака да зборува за случајот, како што вели, за да не се крева прав во овој чувствителен момент.

Македонија на крстопат

Но, дали тоа ќе помогне? Во политичките кулоари и на социјалните мрежи веќе се шират шпекулации за разни сценарија, кои во зависност од политичкиот развој на настаните, би можеле да бидат реализирани со мобилизирање протести, а да завршат со блокади или „народно“ окупирање на институции. Запрашан за опасноста од можни ескалации, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на ТВ 24 ги повика граѓаните на присебност и изјави дека СДСМ е, и останува максимално посветена на зачувување на мирот и стабилноста.

Но, тие не зависат само од опозицијата, туку од сите политички фактори, а пред сѐ, од институционалната подготвеност на надлежните за превенирање и одговор на такви предизвици. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати на средби со амбасадори соопшти дека не знае дали ќе може да го исконтролира незадоволството, ако не се испочитува изборната волја на нејзините гласачи.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вчера за ТВ 21 изјави дека земјата има потреба што побрзо да се формираат институциите, за да се нормализира состојбата. На прашањето дали ова што се случува веќе личи на украинско сценарио, тој изјави дека ниту во регионот околностите не се најповолни.

„Кога јас велев дека Македонија не е далеку од Украина, некои дури и се пошегуваа со тоа, но ова е регион во кој пред 20 години имаше крвави војни. (…) Република Македонија е на крстопат, каде што многу лесно може да дојде до тензии и јас не сакам ниту една политичка партија да даде придонес за да се запали оваа држава. Ние Албанците сме јасно определени. Ова е наша држава и целата енергија ќе ја концентрираме за да се спроведат сите реформи, ќе бараме да профункционира правната држава за да не се создаде анархија. Таму каде што функционира правната држава има и просперитет, но и надеж за живот“, изјави Ахмети. Во моментов владее впечатокот дека единствено тензиите го добија мандатот за „влада“.
По одлуката на Иванов да не го даде мандатот на СДСМ, но и по пораките од Могерини, ДУИ за денеска закажала состанок на Централното претседателство. Партијата претходно најави дека за (не)учество во идната влада ќе се изјасни дури откако СДСМ ќе го добие мандатот, но поради актуелните состојби не е исклучена можноста да донесе некои одлуки и порано од планираното.

Целиот текст можете да го прочитате тука

Слични содржини