Комисијата за оценување на основаноста на предлогот за импичмент на претседателот Ѓорге Иванов поради неговата одлука за аболиција, денеска продолжи со работа.

Пратеникот Ејуп Рустеми од ДУИ оцени дека одлуката за аболиција на Иванов не била добро одмерена постапка, дека тој не кажал причина зошто не се повлечени сите одлуки за аболиција, туку само 22, и исто така го повтори ставот на својата партија дека тие бараат сите одлуки за аболиција да се повлечат.

gjorge-ivanov-zbori-na-telefon-860x680

– Должност на Иванов да излезе и да каже дека погрешил, рече Рустеми, потенцирајќи дека договорот од Пржино мора да продолжи да се спроведува.

Според Горан Мисовски од НСДП, досега воопшто не било дискутирано за мотивите на Иванов за носење на одлуката за аболиција на 56 лица. Доблесно ќе беше, рече тој, да дојде Иванов на Комисијата и да каже дали лидерот на ВМРО-ДПМНЕ му го испорачал списокот.

Мисовски на седницата изнесе свои тези за тоа кои биле мотивите на Иванов за оваа одлука. Меѓу другото, според него, една од нив било опструирање на работатa на Специјалното јавно обвинителство кое ВМРО-ДПМНЕ не успеало да го контролира.

На прашањето дали и кога ќе има избори, што според Мисовски многу често се повторува овие денови, рече дека во Република Македонија кризата мора да се расчисти на избори и оти тоа мора да се случи многу брзо. Очекува СЈО да ја продолжи својата работа, а Македонија да има фер и демократски избори многу бргу.

Од Иванов, пак, бара до истекувањето на рокот од Законот за помилување да ги повлече одлуките и за тие други 30-ина лица во кои не го стори тоа. Овие лица, според тврдењата на Мисовски, може да бидат потенцијални сведоци на СЈО.

Претседателот на Комисијата Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ реплицираше дека Мисовски одржал политички говор без воопшто да се осврне на основаноста за поднесување на Предлогот за импичмент на Иванов. Тој исто така го повтори ставот дека Иванов не го прекршил Законот и не го прекршил Уставот на Република Македонија.

Дебатата во Комисијата се уште трае.

Комисијата има рок до понеделник да подготви финален извештај што потоа треба да го образложи на пленарна седница во Собранието. /МИА

Слични содржини