НАВИКИ ЗА КУПУВАЊЕ ВО ГЕРМАНИЈА: Кого сè уште најмногу го гледаме во германските супермаркети?

од Vladimir Zorba

Поделбата на обврските во германските семејства се уште е главно традиционална – мајките се задолжени за пазарење во текот на неделата. Меѓутоа, сега се повеќе татковци ја преземаат главната одговорност, пренесува dpa.

Ова е резултатот од истражувањето објавено во понеделникот на институтот за јавно мислење „ЈуГов“, кое се заснова на репрезентативно истражување на родителите во Германија на крајот на 2023 година.

Според истражувањето, 44 отсто од татковците главно се грижат за купување намирници и секојдневни потреби. Тој удел во 2020 година беше десет проценти помал.

Нешто повеќе од половина, 51 отсто од татковците, рекле дека ја делат одговорноста за купување со некој друг. Кај мајките, според нивните зборови, 54 отсто се единствено одговорни, а 45 отсто ја делат оваа одговорност со партнерот.

„Резултатите од нашето истражување укажуваат на промена на улогата на татковците во домаќинството“, вели експертот за истражување на пазарот на „ЈуГов“, Филип Шнајдер.

Според него, улога во тоа имаат и факторите како работа од дома, почесто и подолго родителско отсуство на татковците од работа и поправедна распределба на домашните работи.

Студијата покажува дека има одредени разлики во куповното однесување на половите. Така, 61 процент од татковците велат дека во супермаркетите купуваат само она што навистина им е потребно.

Кај мајките тој удел е само 43 отсто. Купуваат поимпулсивно и почесто одлучуваат за работи кои навистина не им требаат или не планирале да ги купат.

Татковците, пак, имаат поизразена желба да купуваат висококвалитетни производи и познати брендови во супермаркетите.

Слични содржини