Истече рокот за поднесување кандидатски листи за Локалните избори 2017

од Vladimir Zorba

  Рокот за поднесување на кандидатските листи за Локалните избори 2017 заврши синоќа на полноќ. До општинските изборни комисии (ОИК) групи избирачи и политичките партии  ги доставија кандидатските листи. Најголем дел од кандидатите за кои граѓаните ќе се изјаснуваат, партиите веќе ги објавија во јавност.


ОИК во рок од 48 часа од приемот на листата на кандидати утврдува дали таа е поднесена во соодветниот рок и дали е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик. Поднесувачите на листите на кандидати имаат рок од 48 часа да ги отстранат неправилностите, а ОИК ги потврдува со решение. Листите што ќе бидат поднесени по истекот на рокот и доколку од нив не се отстранат констатираните неправилности ќе бидат отфрлени.

Потврдените листи на кандидати ОИК треба да ги достави до Државната изборна комисија (ДИК) најдоцна до 16 септември заради утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати. Според Роковникот за изборни дејствија, жрепката треба да се одржи на 18 септември.

Најдоцна до 21 септември ОИК ги објавува листите на кандидати за членови на совет и за градоначалник, а во оние општини во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, се објавуваат покрај на македонскиот и неговото кирилско писмо и на службениот јазик и писмо што го употребуваат граѓаните во таа општина.

Шестите локални избори се закажани за 15 октомври, а ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Изборната кампања ќе почне на 25 септември на полноќ и ќе заврши на 13 октомври.

Слични содржини