Љупчо Арсовски: Нема да има предлог име, Нимиц сака да го почувствува пулсот

од desk2

„Мислам дека е прерано или, би рекол, премногу е сугестивно и амбициозно дека Нимиц ќе изнесе конкретен предлог што ќе биде веднаш соопштен. Повеќе размислувам за одредени разговори во насока „да се почувствува пулсот”, вели  Љупчо Арсовски е дипломат од кариера и прв Амбасадор на Република Македонија во Грција.

Амбасадорскиот мандат го исполнуваше од 1996-2002 како шеф на канцеларијата за врски на РМ во Атина. Важи за одличен познавач на приликите во грчката политика и често се јавува со свои анализи и ставови во јавноста. Во интервју за МИА тој говори за очекувањата од претстојната нова рунда разговори за името што посредникот на ОН во спорот Метју Нимиц ја закажа за во понеделник во Брисел.

Во рамки на својата долга и богата дипломатска кариера од 1997-2003 беше и вонреден и ополномоштен амбасадор во Израел (нерезидентен), од 2008-2012 вонреден и ополномоштен амбасадор во Романија, а од 2010-2012 вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Молдова. Од 2012 до пензионирањето ја извршуваше функцијата државен советник-амбасадор во МНР.

Медијаторот Нимиц за 11-12 декември во Брисел закажа нова рунда разговори за спорот за името со преговарачите на двете земји. Дел од грчките медиуми во очекување на средбата која првично требаше да се одржи кон крајот на ноември, јавија дека на разговорите Нимиц ќе излезе со конкретен предлог. Што може да се очекува од овие разговори?

– Ова е една од рундите што се одвиваат според усогласен предлог дневен ред и место од медијаторот. Во случајов е Нимиц и така беше за сите средби со сите медијатори во овие две децении. Промените на владеачките гарнитури, избори на сите нивоа, природно го прекинуваа овој, да го наречеме, дијалог. Речиси редовно беа присутни шпекулации за наводни предлози, нацрт документи и слично, во зависност од актуелниот политички амбиент. Во сегашнава ситуација по последните избори – парламнетарни и локални во Република Македонија, меѓународната заедница веднаш ја нотира намерата на новата власт да заврти нова страница на нашиот пат кон НАТО и ЕУ. Одличен знак беше најавата на Република Македонија за посебно и позитивно свртување во соработката со соседните земји. Бројните средби на премиерот Заев и министерот за надворешни работи Димитров со партнерите во нашето опкружување покажаа дека од зборови се мина на дела. Бевме сведоци и на боројни позитивни оценки, но, навидум и на завиткани изјави во политичка обланда и пораки дека е потребно или се очекува реален пристап на двете страни во процесот под палката на Нимиц.

Мислам дека е прерано или, би рекол, премногу е сугестивно и амбициозно дека Нимиц ќе изнесе конкретен предлог што ќе биде веднаш соопштен. Повеќе размислувам за одредени разговори во насока „да се почувствува пулсот”. На вашето директното прашање одговарам дека климата и во двете земји на внатрешен план не соодветствува за пријатен простор за соопштување на одредени предлози што би биле веднаш нападнати од „дежурните патриоти” кои ги има во двете земји.

Новата рунда разговори доаѓа во период на подобрена политичка клима меѓу Македонија и Грција, како и оптимистички очекувања од Скопје, Атина и Вашингтон за ставање крај на долгогодишниот спор./МИА

Слични содржини