Мленко Неделковски на својот портал „Дудинка“ преку колумна пишува за дебаклот кој и се случи на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори. Тој бара оставка од комплетниот Извршен комитет на партијата.
„Но, поголем срам од овој срамен пораз, е тоа што Никола Груевски, ИК на партијата и комплетното ВМРО ДПМНЕ не реагира на овие констатации што самиот лидер ги наброја. Ами кротко се согласува со овој изборен колеж. Ова ли е ВМРО ДПМНЕ? Ова ли е ВМРО? Ова ли се наследниците на Веле Марков, Ќосето, Христо Узунов, Пиперката, Питу??? Овие ли, што молчат затворени во своите кабинети чекајки Шилегов да дојде да им ја сруши терасата.
Прашањето е, ШТО ЌЕ ПРЕЗЕМЕТЕ вие од ДПМНЕ откако сами констатиравте дека демократијата е суспендирама, дека изборите се лажиран, дека владее партиска СС полиција на СДС?
Јас го знам одговорот: НИШТО.
Зборот “одговорност“ не е во вокабуларот на сегашново раководство на ВМРО ДПМНЕ. Никола Груевски појде по патот на Бранко Црвенковски и неговото “народот е во права и кога греши“, со вчерашната постизборна реченица “за евентуалните грешки, откако ќе ги имаме сите анализи и информации, внатре во партијата ќе ја оцениме одговорноста“!!! Пази, нема грешки, има само “евентуални грешки“. Може да се, ама и не мора да се! Па “анализи и информации“ кои сами на себе ќе си ги дадат и направат. За на крајот евентуалната одговорност да ја “оценат“!!! Оценката може да се секаква, а најверојатно ќе е блага, ако воопшто има одговорност, оти нели ќе се ценат “евентуалните“ грешки.
ВМРО ДПМНЕ и Никола Груевски продолжуваат и забрзуваат со “божјиот синдром“ на непогрешливи. Се претставуваат себе си како несфатени од неазвисните новинари, несакани (со откажана љубов) од странците и неподржани од народот. Сите виновни – тие само “евентуално“.
Но, ако се погледне целата работа надвор од кабинетите во “Белиот дворец“, најмалку што можеше да очекува Македонија е ако не синојка, тоа барем денеска до пладне, комплетниот ИК на ВМРО ДПМНЕ да излезе со соопштение за поднесување неотповиклива оставка. Заради катастрофалниот пораз. И, во исто време да побара Партијата да ги стегне и прочисти своите редови, па да изнедри нов, свеж и неискомпромитиран ИК.
Сега навистина не е јасно дали Христијан Мицковски го дели мислењето на својот лидер дека “ВМРО-ДПМНЕ не ги признава овие избори и нема никогаш да ги смета за фер и демократски избори“? Ако мисли исто со својот лидер, треба веднаш да се откаже од советничкиот мандат во Град Скопје. Ама, тој филм нема да го гледаме. Ќе го гледаме опортунистичкиот филм од ВМРО ДПМНЕ и неговото раководство.
Ова што се очекуваше од ИК, се очекува(ше) и од Никола Груевски“, пишува Неделковски.