Мицкоски со чиста мисла се кандидира за претседател на ВМРО-ДПМНЕ

од desk4

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ја објави својата кандидатура за претседател на партијата во пресрет на вонредниот конгрес што ќе се одржи утре и задутре во Валандово.

Мицкоски, во објавата на „Фејсбук“ вели дека ова за него лично е „една од најсериозните одлуки во животот“.

– Во изминатиот период голем дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ, членови на партиската структура, членови на општинските и месните комитети, но и огромен број на обични граѓани ми изразија поддршка и охрабрување да преземам чекор. И јас, со чиста мисла, со голема верба, и со отворено срце ќе ја прифатам одговорноста да поднесам кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе се избере на 16. конгрес во Валандово. Ова за мене лично е една од најсериозните одлуки во животот, целосно разбирајќи ја тежината, честа, но и одговорноста да се води партијата која е вградена во кодот на македонецот и македонската држава и која ќе остане еден од главните темели на нашата татковина. Никогаш во животот не сум бегал од предизвици, а овој, можеби е мојот најголем, и јас тој го прифаќам – вели Мицкоски.

Тој порачува дека неговата кандидатура „е широко понудена рака за секој еден кој сака да биде дел од тимот кој ќе ја создава визијата и ќе го реализира сонот за победничка и економски напредна Македонија“.

– Јас имам план. За нова надеж за нашата татковина, силна и достоинствена – напиша Мицкоски на „Фејсбук“.

Слични содржини