Шарените антивладини протести на улиците на Скопје станаа плодно поле за креативност. Повеќемина графички дизајнери бесплатно со јавноста споделуваат свои дизајни инспирирани од „Протестирам“ и „Шарената револуција“, пишува DW

0,,19240255_303,00

„Хулиганка“ – петомајска. „Шарена револуција“. СЈО со лицата на обвинителките. Ова се само дел од дизајните кои може да се видат на маици, чадори, беџови на протестите кои се одвиваат секој ден во шест часот. Низ Македонија деновиве оние што се во бизнисот на печатење материјали, имаат многу работа, откако граѓаните масовно самите си прават маици со нивното омилено лого, кое праќа порака за борбата која ја водат. Претходно, на Интернет, познати дизајнери, бесплатно споделија свои дизајни инспирирани од „Шарената револуција“, поддршката за Специјално јавно обвинителство, како и од епитетите на власта за демонстрантите како хулигани.

Уметникот Ване Костуранов, чиј дизајн за маица е меѓу најпопуларните кај демонстрантите, вели дека колку и да звучи парадоксално, тоа што се случува на протестите го потсетило на неговата последна изложба „Улица Љубов”, особено на една од сликите.

„На сликата еден шарен облак ги обојува сивите куќички одоздола. Деновиве „Шарената револуција“ ми се чини е шарениот облак кој го обојува сивилото што ни се случува изминатите неколку години. Ја ставив сликата како кавер на мојот профил на Фејсбук да изразам лична поддршка на Шарената револуција. Набргу потоа ми пишаа неколку луѓе замолувајќи ме сликата да ја прилагодам за маица за да можат да си ја испечатат, па така ја направив достапна за сите“, вели Костуранов.

Според него, моќта на протестите е во енергијата со која луѓето го изразуваат револтот. Дизајните или пораките се појавуваат спонтано како резултат на таа енергија.

„Луѓето се препознаваат во одреден дизајн и пораката што ја праќа, па затоа и толку маици се печатат деновиве. Но она што ги мобилизира луѓето уште помасовно да се приклучат на протестите е желбата за правда, за еднаквост, за слобода“, додава тој.

Графичкиот дизајнер, Небојша Гелевски – Бане чиј дизајн за поддршка на СЈО често ќе го видите на протестите, вели дека идеите навираат сами при „надразбите“ од неодговорно владеење, криминал и корупција и поклопување на институциите од партијата на власт.

„И како граѓанин и како дизајнер го кревам мојот глас против неправдата преку јазикот кој го зборувам – графичкиот дизајн. Лого, дизајн за маица, беџ, визуелен пост за Facebook, Twitter е моќна порака која полесно и побрзо се шири, зашто е визуелизирана. Но, ваквите дизајни имаат моќ и да покренат дебата на социјалните мрежи, што е неизмерно важно.

Дизајнирањето на револуцијата продолжува

Барањето правда за сите е од интерес за сите граѓани и оттаму многу уметници и графички дизајнери ги споделија своите дизајни за слободно преземање. Граѓаните се самоорганизираат и го пренесуваат дизајнот од „дигиталниот свет“ на протести на улица, па дизајните од #протестирам и #шаренаРЕВОЛУЦИЈА ги видовме во Скопје, во десетина градови низ Македонија, дури и во Њујорк, Канбера, Париз, Берлин, Мелбурн“, вели Гелевски.

Повеќе на DW

Слични содржини