На фестивалот „Друга приказна“, денеска во 19 часот во Паркот на франкофонијата ќе бидат промовирани трите нови книги во едицијата Градот:
Бранко Тричковски – „Свињата која чекаше да проба од сопствените чварки“ – сто мали приказни;

„Кога зборувам за Тричковски како писател свесен сум дека неговата погонска писателска енергија доаѓа од политичкиот живот, а не од некоја артистичка потреба „да го вообличи светот во зборови“. Неговото добро познавање на политичките процеси (и фактичко, потпрено на многу знаење и искуство, и интуитивно) им дава дополнителна длабочина и сериозност на неговите наизглед бесни и гневни текстови.

Неговата „машина на гневот“, значи, беше придвижена од лудачката политика на една баеги забегана власт која ни ја искреира ‒ просто како компјутерска игра ‒ суперморничавава стварност во која како во гомна беа бутнати главите на два милиони луѓе. Како што врвеше лудото време на груевизмот така растеше гневот на Тричковски ‒ и така неговите текстови стануваа сè поверодостоен приказ на стварноста, од чие опишување речиси сите беа дигнале раце (од политичарите и новинарите до писателите), претворајќи се, повеќето, во бедни пропагандисти, ескаписти и штанцачи на мртви форми и искубани зборови (оти груевизмот така нареди ‒ пропагандата е единствениот дозволен стил, а лакировката единствената дозволена боја).“

(Никола Гелевски, од поговорот на книгата)

14 Trickovski KORICI-FINAL(1)

 

Емил Алексиев – „Кога лавот го изеде сонцето“;

Книгава е пишувана во време на помрачување, време кога сонцето од нашето државно знаме – она сонце опеано во народните песни, кое драматично заоѓаше на режимските рекламни спотови, сонцето на слободата од државната химна кое во еден миг блесна толку силно над гордо кренатите глави во вечно црвената зора на нашата историја – го изеде златниот лав од партискиот грб на ВМРО-ДПМНЕ. Тој незаситен лав уште рика во темнината.

Пишувана во темнина, книгава е сведоштво за страшната стварност. Ужасот овде се појавува во својот вистински лик. Нема научни анализи и стручни експертизи што ќе го претворат ужасот во разбирлива работа. Кога е време на помрачување (општествено, културно, морално…), кога земјата е во пламен, а во темницата се слушаат пискотници и крици, бесмислено е да исцртувате кругови околу себе и по земјата со креда да пишувате формули и равенки, тоа нема да го запре лавот кој на вас скока со отворена челуст. Оттаму, треба да му погледнете на ужасот в очи и да се спротивставите. А за да се спротивставите треба да ги видите нештата какви што се навистина.

(Од предговорот на авторот)

Јовица Ивановски – „Градот што веќе не е мој“; песни за „Скопје 2014“.

 

Водител на промоцијата ќе биде Никола Гелевски.

Во вториот дел на вечерта, во 20 часот, дваесетина писатели, домашни и странски, ќе се борат со своите „едноминутни новели“, за некој од нив да стане првиот/та победник/ца на натпреварот „ОВДЕ ПАЃААТ КРУПНИ ЗБОРОВИ“. Во натпреварот учествуваат: Драган Протиќ, Драгана Младеновиќ, Слободан Бубњевиќ, Теа Тулиќ, Бојан Бабиќ, Јасна Димитријевиќ, Милена Илиќ, Срѓан Тешин, Бранко Тричковски, Лилјана Дирјан, Ѓорѓи Крстевски, Владимир Лукаш, Југослав Петровски, Марта Маркоска, Ѓоко Здравески, Александар Прокопиев, Оливера Ќорвезироска, Калина Малеска, Живко Грозданоски, Горан Петревски, Сања Михајловиќ Костадиновска, Рамадан Рамадани…

Водител е Иван Шопов, а оценките ќе ги носат: Искра Гешоска, Јасна Котеска, Емил Алексиев, Кристина Леловац, Иван Додовски, Никола Гелевски и Румена Бужаровска.

Извор: Окно

Фотографија: Окно

Слични содржини