Сугарески: Две сериозни причини за застојот на автопатот Демир Капија – Смоквица

од desk2

Јавното претпријатие за државни патишта и АД МЕПСО да достават комплетна документација до Министерството за транспорт и врски за да добијат одобренија за изградба на контролниот центар во Неготино и за дислоцирање на 400 киловолтниот далновод, со што ќе се овозможи пуштање на автопатот Демир Капија – Смоквица, апелира денеска ресорниот министер Горан Сугарески.

Тој ги отфрли обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека од банали причини има застој во изградбата и најави оти автопатот може да биде пуштен во употреба до 10 декември годинава доколку до крајот на месецов биде доставена целосната документација од Јавното претпријатие за државни патишта и МЕПСО.

– Ниту Владата на СДСМ, ниту јас како ресорен министер ја кочиме изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица. Како што наведуваат, станувало збор за банални причини. Апсолутно не станува збор за две банални, туку за две сериозни причини, изјави Сугарески.

Според него, за изградбата на контролниот центар во Неготино, ЈП за државни патишта поднеле некомплетна документација до Министерството за транспорт и врски. Пропустите, како што рече, се околу геодетскиот елаборат, сопственоста и времениот режим на сообраќај. Втората причина, дополни, не е електричниот столб како што обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ, туку 400 киловолтен далновод од МЕПСО за кој преку комплетна документација којашто преку ЈП за државни патишта треба да биде доставена во Министерството за транспорт и врски треба да издадеме одобрение за градење.

Сугарески потенцираше дека ако станувало збор за банални причини, тогаш ВМРО-ДПМН како тогашна владејачка партија можеле да ги решат таквите состојби наеднаш до 31 мај година согласно договорот за завршување на изградбата и денес веќе да се вози по автопатот.

– Апелирам и до ЈП за државни патишта и до МЕПСО да достават комплетна документација до Министерството за транспорт и врски со цел побргу да се постапи по нив со што ќе биде изграден контролниот центар и ќе биде дислоциран 400-киловолтниот далновод од МЕПСО, а со крајна цел да биде пуштен во употреба автопатот Демир Капија – Смоквица, рече Сугарески, нагласувајќи дека не може да потпише одобрение без комплетна документација.

Прашан дали препознава политичка опструкција, министерот за транспорт истакна дека само одговара на „грубите лаги од ВМРО-ДПМНЕ со цел да се оправда за нивната неспособност бидејќи до 31 мај требало да го пуштат автопатот Демир – Капија Смоквица“.

Изградбата на автопатот во должина од 28 километри почна во септември 2012 година. Се финансира со грант од Европската комисија, заем од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој, како и со шест милиони евра од државниот буџет.

Со неговото пуштање во употреба се заокружува целосното автопатско решение на делот од Коридорот 10 што минува низ Македонија.

Слични содржини