Kолку јас што се разбирам во приказната за враќањето на правната држава во Македонија, постојат силни индиции дека некогашниот претседател на скопскиот Кривичен суд Владимир Панчевски правел тешки кривични дела во врска со неколку вида на злоупотреби на својата функција.
Ако се суди според неговата нервоза, на Панчевски му е јасно дека истрагата оди во насока издржано да ги поткрепи таквите обвинувања, не само со материјални докази прибрани при претресите на неговата канцеларија и станот, туку и со сведочењата на оние под него кои ќе ги „пропеат“ сите активности што, евентуално, се спроведувани во таа насока, под негова инструктажа и „командна одговорност“. Оти, и на обичните „врапчиња“ (всушност, особено на нив!) на различните „гранки“ на Фамилијата сега веќе им е кристално јасно дека нема подобар совет што можат да го добијат од своите адвокати, од советот веднаш и без одлагање да си соработуваат со СЈО, искрено да се сетат и да си раскажат сѐ што знаат и да побараат, ако треба, и заштита за таа своја соработка со правдата.
Да ви кажам право, летово бев викнат, во улога на сведок, на двочасовно испитување од страна на обвинителите на СЈО во еден од предметите што ги водат и слободен сум да ве информирам дека тоа искуство, дури и кога не сте обвинет, не е баш пријатно. Напротив.
Мислам дека, дојде ли до сериозни кривични обвиненија, и самиот Панчевски во еден момент ќе ги послуша советите на своите адвокати, па со свои зборови, убаво и во детали, ќе објасни како е изведувана таа нелегална комуникација со Иванов. Ако е изведувана. А изведувана е. Најверојатно. Скоро сигурно.
Што правиме тогаш со Иванов? Ќе се чека да заврши последната пивтијада и пастрмајлијада сезонава, па да му се стегне импичмент, или ќе се чека да заврши „драмата“ со нашиот прием во НАТО, па да се види неговото „обнашање“, па да му се стегне импичмент? Или не?
Сашо Орданоски
Извор: Цивил Медиа