Јанкуловски: Не е точно дека вратите на ЕУ ќе ни се отворат доколку ги внесеме Бугарите во Уставот

од Vladimir Zorba

Со отварањето на уставот и внесувањето на 3600 бугари во македонскиот устав, како прво е потценувачки услов за една суверена држава, а како друго мора да знаеме дека Бугарија и покрај 16 те пресуди од Стразбур и далеку поголемоиот број Македонци кој живеат во Бугарија, не дозволи никакви права како европска и меѓусоседска држава, вели во интервју за „Локално“, Живко Јанкуловски – претседател на Партијата на обединетите демократи (ПОДЕМ).

– Бугарија отворено ни кажува, а наше е колку сакаме тоа да го разбереме, дека во наредните фази ќе следат сите останати барања од нив, за потеклото после 1945, јазикот, идентитетот, историјата и се што е македонско, се до крајната цел што ја имаат зацртано во своите ставови, а од друга страна сведоци сме на тоа дека и ЕУ и САД, на крај застанува на нивната страна и со тоа залудни се очекувањата дека ние ќе можеме да одговориме на сите нивни барања од Македонија.  вели Јанкуловски.

Што се однесува до 20 % на Албанците, тој смета дека најдобро е доколку повеќе не постои никаква рамка, никакви услови, никаков Охридски договор и никаков „Бадинтер“.

– Едноставно сите граѓани на Р.Македонија треба да се еднакви, да имаат исти права, да владее демократија, но и обврска на секој е да си ја сака државата како своја и да не постојат никакви делби, без разлика на вера, нација и пол. Секој тоа што го заслужува и да го има, нагласува тој.

Според него, со доаѓањето на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на власт ќе се менуват неколку работи во државата, меѓу кои и неколку одредби од Преспанскиот договор.

–  Со промена на власта нема ништо да се прави на сила за да се промени нешто од Преспанскиот договор, но сигурно е дека ќе се разговара, преговара со сите европски и светски авторитети и во зависност од бројот на пратеници во Собранието, можни се некој поместувања, пред се околку внатрешната употреба на името и институциите, како и враќање на довербата кон дијаспората, нагласува Јанкулоски во интервјуто за „Локално“.

Вашата партија неодамна го одржа четвртиот партиски конгрес. Кои се патиштата на вашето делување во наредниот период?

-Партијата на Обединети Демократи на Македонија – ПОДЕМ, на 30 октомври го одржа IV Конгрес од своето 14 годишно постоење и успешно делување на Македонската политичка сцена, со конгресно мото ОБЕДИНЕТИ за стабилна Македонија.

Во изминатиов успешен период за ПОДЕМ, сме настапувале на неколку локални и парламентарни избори самостојно и во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. На самиот почеток, веднаш по регистрирањето на партијата на 12 јули 2008 год, веќе наредната 2009 година се одржаа локални избори, каде што настапивме самостојно и освоивме 22.600 гласови, 14 советнички места, два претседавачи на совет.

ПОДЕМ е партија, која има 53 Општински организации ширум државата, со комплетно оформени организации на жени и млади. Во своето делување како центар, на политичката сцена, ПОДЕМ има изготвено своја програма (2020-2024), следејки го програмското мото „ПОДЕМ ЗА МАКЕДОНИЈА“.

Стратешката визија на ПОДЕМ пред се се темели на економски и политички стабилна Македонија, интегрирана и почитувана, во ЕУ и сегаде во светот. Секогаш сме се залагале и ќе се залагаме за максимално почитување и реализирање на проектите на ПОДЕМ, кој вклучуваат имплементација на европските стандарди во областа на економијата, земјоделството, социјалната политика, здравството, образованието, локалната самоуправа, меѓународните односи, културата, спортот и другите области на опшествено -политичкото живеење и работење.

За реализација на овие проекти, ПОДЕМ е подготвен и на успешно аплицирење преку свој кадровски решенија, што е многу важно за успешна реализација на проектите од програмата. Нашите партиски структури, избрани функционери и членови, знаат да почитуваат системи и практики за етичко и отчетно однесување, ригорозно управување со јавните средства, контрола и чесен однос кон граѓаните.  Со таков однос и пристап како одговорна партија, со одговорни луѓе во неа, ПОДЕМ секојдневно расти, а со таков пристап делуваме и како коалициони партнери со ВМРО ДПМНЕ.

Во коалиција сте со најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Дали ги делите истите ставови со нив за договорот со Бугарија?

-По однос со ставовите со Бугарија, имаме наш став, кој е можеби во крупен план идентичен со поголемиот коалиционен партнер, но се разликува во некој одделни погледи. Имено, ПОДЕМ  е со идентичен став со ВМРО ДПМНЕ да не се отвара Уставот за потребите на Бугарија, а како услов за отпочнување преговори. Нашето размислување е дека со отварањето на уставот и внесувањето на 3.600 бугари во македонскиот устав, како прво е потценувачки услов за една суверена држава, а како друго мора да знаеме дека Бугарија и покрај 16-те пресуди од Стразбур и далеку поголемиот број Македонци кои живеат во Бугарија, не дозволи никакви права како европска и меѓусоседска држава. Не е никакво оправдување дека нивниот Устав не дозволува такво уредување, па зарем и тие неможат да го отворат и да направат измени, какви што бараат и ние да направиме.

Но, покрај оваа забелешка, ние сметаме дека ете и доколку се прифати тоа нивно барање, дека воопшто не е точно дека ќе ни се отвореле вратите за влез во ЕУ. Напротив, Бугарија отворено ни кажува, а наше е колку сакаме тоа да го разбереме, дека во наредните фази ќе следат сите останати барања од нив, за потеклото после 1945, јазикот, идентитетот, историјата и се што е македонско, се до крајната цел што ја имаат зацртано во своите ставови, а од друга страна сведоци сме на тоа дека и ЕУ и САД, на крај застанува на нивната страна и со тоа залудни се очекувањата дека ние ќе можеме да одговориме на сите нивни барања од Македонија. Затоа најдобро е уште сега на почеток, и ако веќе можеби е касно, да конечно изградиме став сите заедно и колку што се може да ја вратиме работата на почеток, а во овој период да поработиме на економска и политицка стабилност внатре во државата.

Каков е вашиот став за уставните измени? Покрај внесувањето на Бугарите во преамбулата, што мислите за барањето на албанските партии за отстранување на „20% за албанскиот јазик?

-Уставните измени се пред се поврзани со бугарското прашање, но истовремено сметам дека доколку се реализираат, се отвора пандорината кутија, каде ќе се пројави интерес не само за албанскиот јазик, туку и за многу други прашања. Сметам дека со оглет на политичката ситуација и нетрпението внатре во државата, а пред се предизвикано од нестабилната и тешка економска состојба, не е добро во овој момент да се отвара Уставот на Македонија. Што се однесува со отпочнување на преговорите како услов за отварање на Уставот, сметам дека ниту е време, ниту пак има доволен број пратеници кои би ги гласале уставните измени. Јасен е ставот на опозицијата и сигурен сум дека по однос на ова прашање, ќе останат доследни до крај, дека нема да го гласаат.

Што се однесува до 20 % на Албанците, сметам дека најдобро е доколку повеќе не постои никаква рамка, никакви услови, никаков Охридски договор и никаков „Бадинтер“. Едноставно сите граѓани на Р.Македонија треба да се еднакви, да имаат исти права, да владее демократија, но и обврска на секој е да си ја сака државата како своја и да не постојат никакви делби, без разлика на вера, нација и пол. Секој тоа што го заслужува и да го има. Подеднакво ми е важно дали мој пријател, комшија или колега е од една или друга вера и нација, најважно е да е човек, соработник и да си ја сака својата држава пред се.

Може ли опозицијата да договори уставни измени доколку власта се согласи на предвремени парламентарни избори?

-Предвремени избори се повеќе од потребни за сите граѓани на Р.Македонија, сведоци сме на економски колапс на сите полиња во државата, уништено образование, земјоделие, социјала, здравство и се останато. Власта носи одлуки ден за ден и нема доверба кај граѓаните, таа е без легимитет. Цути корупцијата, на колена е судството, без никаква доверба, расте иселувањето, па која и да е малку од малку разумна власт, сама ќе понуди предвремени избори, а не поради уставни измени.

Мислам дека нема да бидат прифатени такви условувања за предвремени избори, туку дека уставни измени нема да се случат, а со предвремени избори се смета дека ќе дојде една нова, демократска власт, која ќе воспостави добра во државата и нови меѓусоседски односи, со обострано почитување помеѓу себе и државите и ќе отпочне нова попозитивна клима за нови преговори со ЕУ.

Што мислите за евроинтегративниот процес на земјата?

-Евроинтегративниот процес на Р.Македонија сметам дека е во голема криза,  пропратен со многу препреки што и стојат на патот до крајната цел, која воопшто и не се гледа. Моментално, а убеден сум дека и понатаму ние и ќе ни биде голема пречка Бугарија. Имено, нема да застане тука само кај барањето за уставни промени, туку ќе продолжи се да негира од 1945 година до денес и на крај доколку прифатиме да не обезличи и како нивни потомци, можеби ќе предложи дека ќе нема потреба од влез во ЕУ на втора бугарска држава. Исто така мислам дека и Грција нема до крај завршено со нејзините барања и дека во овој период повторно ќе се јави со дополнителни условувања. Но, убеден сум дека ќе се промени оваа власт и Македонија ќе го фати правиот пат кон ЕУ и се надевам дека сепак Македонија нема да биде оставена како единствена што не е членка во ЕУ, од нашето опкружување.

Во секој случај ПОДЕМ бил и ќе биде за ЕУ интеграциите, но достоинствено. Најбитно е сега ние да се посветиме на решавање на внатрешните економско политички проблеми, да воспоставиме систем на професионалност, ред во правосудството, јако образование, земјоделие, социјална политика, здравство итн.

Мислите ли дека конечно ќе се затвори неколкугодишниот спор со Бугарија?

-Долгогодишниот спор со Бугарија, убеден сум дека не е затворен и нема да се затвори. Сметам дека во натамошниот период ќе се јават повторно со нови барања, повторно понизувачки за македонскиот народ и доколку тука не помогнат членките од ЕУ ( а гледаме дека не се наклонети) и пред се САД, ние никогаш или во блиска иднина од над 30 тина години, ќе немаме шанси да станеме полноправна членка на ЕУ. Можеби звучи многу песимистички, но е доста реално ако се направи добра анализа. И затоа, предлагам да се свртиме кон внатрешноста и како единствени и силни економски, ние би биле побарувани, а не како сега да молиме и клечиме на колена и никој да не не почитува, но со право.

Дали опозицијата треба да ја преземе својата одговорност за виталните интереси на државата, да ја сподели одговорноста со власта?

-Неможе опозицијата да е одговорна за витални интереси, напротив, секогаш одговорноста мора да ја сноси позицијата, кога се работи било за позитивни или негативни работи во државата. Затоа, се изборите, мнозинството прави влада и преку мнозинството се носат позитивните закони, за кои се смета дека ќе ги донесат и позитивните работи на економско и политичко поле во државата. Позицијата е таа што треба да изнајде начин како да соработува со опозицијата и при тоа да се одрази позитивно за граѓаните. А што се случува кај нас, позицијата не разговара и договара ништо што е од интерес на државата и граѓаните, не не запозна ниту со плановите за преспанскиот, ниту за бугарскиот договор, криеше се останато и кога сакаше ги носеше законите спротивно на интересите на Македонија и опозицијата. Кога нема кворум во Собрание ја окривува опозицијата зошто не и направила кворум, а од друга страна нели мнозинство имаат за потребите на донесување на законите. Едноставно без почитување и разговарање со опозицијата, резултатот е негативен за сите.

Д.Ј.

Слични содржини