📷„Врие“ од полиција околу Уставниот суд, Ахмети и Села држат говор пред насобраните граѓани

од Nikola Popovski
1,3K прегледи

„Врие“ од полиција во центарот на Скопје, особено околу зградите на Уставниот суд и Собранието. Полицијата ги блокираше мостовите кои водат кон зградата на Судот, освен за новинарите и за вработените во околните институции поради денешната седница на Уставниот суд на која треба да почне расправата за Законот за употребата на јазиците.

Пред Судот, членови и видни функционери на коалицијата „Европски фронт“, предводени од Али Ахмети и Зијадин Села држат говор пред присутните. Собрани се стотина граѓани околу „Стражата на јазикот“, а дел од нив носат и албански знамиња.

Во моментов обраќање има лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Покрај него, од партијата од Мала Речица, можат да се забележат и Бујар Османи, Арбер Адеми, Муса Џафери, Блерим Беџети…

Судиите од 9:30 часот започнаа со расправата за уставноста на Законот, кој во минатото предизвика бројни политички и правни дискусии. ДУИ предупреди дека укинувањето на одредбите од Законот би претставувало удар врз стабилноста и мирот во државата.

На седницата на Уставниот суд не присуствуваат судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари. Непосредно пред гласањето на дневниот ред предложен за оваа седница, судијата Фатмир Скендер предложи точката со иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците да се одложи поради отсуството на двајцата судии.

Фото: Локално

Слични содржини