Гласањето за измени на законот, даде едно ново светло на темата околу грижата за животната средина и здравјето на граѓаните, а тоа е дека овој пат не станува збор за партиски, туку за лични позиции на пратениците, сметаат од 02 Иницијативата.
„Доколку внимателно се погледа листингот од гласањето може да се види дека како ретко кога, ЗА гласале пратеници од сите партии, и од владеачкото мнозинство и од опозицијата. Исто така, во оние 40 – тина кои пријавиле присуство, но одлучиле да не гласаат исто така има пратеници од сите партии. Ваквиот однос на овие пратеници легитимно го отвара прашањето: чии интереси тие ги бранат и кого го застапуваат во Собранието? Добивме навистина многу барања од граѓаните, да ги знаат нивните имиња и да проверат од кои изборни единици и кои партии ги номинирале“, се вели во реакцијата на 02 Иницијативата.
Јасно е, како што додаваат, дека јавното мислење на тема загадување и заштита животна средина е се масовно и погласно, и дека партиите пред изборите ќе мора сериозно да го опфатат во свите политички програми.
„Нашата сугестија е исто така, сериозно да си проверат и кои и какви луѓе ќе стават на своите листи, бидејќи како граѓани нема повеќе да молчиме и да толерираме личности кои го ставаат својот личен, пред интересот на граѓаните. Минатонеделното гласање е добра појдовна точка за прочистување на предлозите за идните пратеници“, потенцираат од иницијативата.
Собранието на Република Северна Македонија со 62 гласа ЗА во средата го изгласа Законот за управување со отпадот, со кој се забранува увозот на отпад кој се користи како извор на енергија.
Во листингот на Собраниетое при гласањето на овој закон, присутни биле 102 пратенки, од кои 40 не гласале. Меѓу оние кои не гласаа беше и пратеникот на владечката СДСМ, Богдановски Далибор.
„За да нема забуни во јавноста, јас целосно го поддржувам Законот за управување со отпад и ја гласав потребата да се донесе тој Закон во скратена постапка. На второто гласање, односно на изгласувањето на законот, за жал поради други собраниски обврски, не бев присутен на седницата поради што навистина ми е жал. Затоа сакам да повторам дека законските измени целосно ги поддржувам, како што и беше објавено на мојот фб статус. Оттука, написите на одредени портали во врска со Законот за управување на отпадот и доведувањето во прашање на мојата поддршка на законските измени, се тенденциозни и со единствена цел да создадат лажна слика и претстава кај македонските граѓани. Убеден сум дека граѓаните точно знаат кој се грижи за нивните интереси, а кој се обидува со лажни вести да ги манипулира“, се вели во реакцијата на пратеникот Богдановски.
Пратеници кои беа пријавени како присутни, а не гласаа се и независните пратеници на ВМРО ДПМНЕ, Елизабета Канчевска Милевска, Крсто Мукоски, а овде спажаат и пратениците од Беса, Гром, ДУИ, ВМРО ДПМНЕ.
Ова законско решение дополнително ќе се надгради преку измени и дополнувања по изборите, со новиот собраниски состав. Измените беа предложени од пратеничките на партијата ДОМ, Лилјана Поповска и Маја Морачин, а токму оваа измена беше дел од барањата на граѓанската иницијатива „Зелен Фронт“.
И.Р.