Единаесетгодишниот планинар Ване Бошев го искачи врвот Стефани на планината Олимп во Грција, висок 2.911 метри надморска височина.

– Како што најавив, цел ми беше најтешкиот врв на Балканот, Стефани. Стефани го искачив и со тоа го затворив Олимп со петте највисоки врвови. Нема да успеев доколку до мене не беа Зоран Павловиќ и Магдалена Климоска. Голема благодарност и до останатите членови кои беа со мене, а најмногу на мојот татко кој ми ја носеше целата опрема до подножјето на Стефани – пишува во статус на профилот на Фесјбук на Ване Бошев.
Од својот подвиг, Ване објави и видео на профилот на Фејсбук, до кое напиша коментар: „И покрај снегот што паѓа на Олимп, храбро газам кон целта. Целта е Стефани“.
Ване планинари од неполни три години и има искачено голем број планински врвови во земјава и странство, а има добиено и многу признанија.