132 починати од корона вирусот, кај нас не се забележани сомнителни случаи

од Ивана Рамаданова

Смртоносниот вирус поради кој цел свет е во паника, до сега однесе сто триесет и еден живот, а поради истиот се регистрирани повеќе од 4.600 заболени.Бројот на починати во провинцијата Хубеи до синоќа се зголеми за 25, со што нивниот вкупен број изнесува 125.

Најпогодени се постарите лица, а починатите претходно имале некакво сериозно хронично заболување. Потврдени заразени случаи има и во Тајланд, Јапонија, Јужна Кореја, Тајван, САД, Канада, Франција, Германија. Азиските соседи и повеќе аеродроми во други земји низ светот во меѓувреме воведоа здравствени контроли за треска и други заштитни мерки при влез во државите.

Корона вирусот се пренесува од човек на човек. Според првичните информации вирусот првпат е регистриран на затворениот рибен пазар во Вухан, каде што се продаваат и диви животни. Најверојатно вирусот се пренел преку директен контакт од животно на човек (зооноза), или како и многу други микроби – едноставно преку воздух. Исто така зооноза е можна и преку храна, при конзумирање на месо или други животински производи ако истите не се добро термички обработени или приготвени во нечисти услови – тогаш тие исто така претставуваат извор на инфекција.

Од Министерството за здравство информираат дека досега корона вирусот не е присутен во нашата земја, додавајќи дека редовно се следи состојбата и се преземени сите мерки на заштита и превенција.

„Нашиот аеродром ги задоволува стандардите за детекција и рано препознавање, како и изолација на пациенти со симптоми на вирус. Воедно ќе се активира и посебна телефонска линија на кој може да се јават за да бидат понатаму насочени каде да се јават во здравствениот систем, за да не се јавуваат по матични лекари и амбуланти со цел тој вирус доколку постои да не се прошири. Сите други пациенти кои имаат симптоми на грип ќе го пратат нормалниот процес кон матиниот лекар и инфектината клиника“, велат од ресорното министерство.

Од таму апелираат дека согласно препораките на Светската здравствена организација, граѓаните во целост да ги следат и почитуваат мерките за превенција и тоа: да се воведе дополнителна заштита на храната – да не се консумира храна направена од болни животни, да се воведе дополнителна заштита при подготовка на храната – да се користат различни садови и ножеви за подготовка и сечкање на сирова храна и да се мијат задолжително рацете после секоја нејзина подготовка, а при подготовка на месо и јајца тие убаво термички да се обработат.

„Потребно е да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари односно задолжително да се носат заштитни опрема, ракавици, маски и мантили додека се извршуваат работи со животни или производи од животинско потекло, по употребата целата опрема да се извади и да се пере секојдневно, да се внимава да се заштити семејството од неиспрана работна опрема, да се штити населението од настинки односно да се избегнува незаштитен контакт со болни (вклучувајќи и допир на уста, нос и очи), како и незаштитен контакт со домашни или диви животни, задолжително и често да се мијат рацете со сапун и вода и тогаш кога не се видливо нечисти или да се користи чистач за раце кој содржи алкохол, а при кашлање или кивање да се заштити устата и носот со марамче или со дланката, а по употреба марамчињата да се фрлаат во затворени канти. При кашлање или кивање, како и при грижа за болни задолжително да се мијат рацете“, додаваат од министерството.

Во државава не се забележани сомнителни случаи на корона вирусот, па дури и во препораките за патување издадени од повеќе земји, Македонија е ставена во рамки на земјите со вообичаена доза на претпазливост при патување.

Според последните информации неколку српски државјани се наоѓаат во карантин во Индија, поради сомнеж дека се заразени со новиот корона вирус, додека пак четворица Хрвати кои претстојувале во кинскиот град Вухан го носат овој вирус.

И.Р.

 

Слични содржини