“Слободниот избор е право, а не привилегија“

од Vladimir Zorba
283 прегледи

Под мотото  „Слободниот избор е право, а не привилегија“ сексуалните работници денеска го одбележаа 17 -ти Декември, Меѓународниот ден против насилството врз сексуалните работници. 
Со зборно место пред спомен-куќата на Мајка Тереза, црвените чадори се движеа преку Камениот мост се до плоштадот Филип Втори.
Стриптизети и стриптизери, хот лајн операторки, ескорт девојки и момци, корисници на нивните услуги, активисти за човекови права и нивни поддржувачи, уште еднаш порачаа  дека се уште сексуалните работници остануваат меѓу најмаргинализираните членови на општеството и дека тоа треба да се смени.
„Во реалноста, институциите кои што работат во интерес на безбедноста на граѓаните на Република Македонија, многу често не прават разлика меѓу сексуалната работа и експлоатацијата, така што преземаат мерки за елиминација на сексуалната работа наместо за елиминација на експлоатацијата во сексуалната индустрија,“ изјави Борче Поповски -НВО Стар – Стар.
„Престанете вашите морални вредности да ги вреднуате врз моите одлуки. Моите морални вредности ми велат да заработам за себе и за мојата фамилија,“ изјави една сексуална работничка.
Маршот на црвениот чадор е во организација на Граѓанската Иницијатива за застапување и унапредување на правата на сексуалните работници СТАР-СТАР од Скопје, во знак на солидарност и приклучување кон Глобалното одбележување на Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници.