Ивановски: Преговорите со ЕУ ќе отворат пат за зацврстување на економијата

од Берта Китинска
199 прегледи

Александар Ивановски, поранешен даночен инспектор во Управата за јавни приходи во Скопје, денеска раководи со секторот за даночна политика во Европската Фискална Конфедерација во Брисел, организација на даночни асоцијации и институти во Европа. Тој неодамна е именуван и за член на советодавното тело на Европската Комисија како независен експерт за даночни политики. Во разговор за МИА, Ивановски говори за пост-ковид светот и ги анализира последиците од оваа уникатна криза за Северна Македонија, како и мерките за помош на економијата што ги предлага македонската Влада.

На прашањето кои се перспективите за Северна Македонија после кризата со Ковид-19, кои ќе бидат последиците, Ивановски вели дека шансата која треба да се искористи преку различни стратегии, а една од нив е “зелен раст и развој“.

-Проекциите на Economist Intelligence Unit се дека и покрај добриот економски перформанс пред кризата, тоа ќе биде нагло прекинато и се очекува за жал пад на бруто домашниот производ. Меѓутоа се очекува и консолидација со надежта за отворање на преговорите со ЕУ. Имаме еден потенцијал преговорите да отворат пат за зацврстување на економијата. Вториот аспект е тоа што глобално да се сменат ланците на набавка и се очекува помала зависност на европската економија од Кина и Азија. И тука се очекува оние трудово интензивни активности да профитираат затоа што големите европски економии ќе се свртат кон добавувачите од Источна Европа, и тука Северна Македонија би можела тоа да го искористи како прилика. Сакам да верувам дека вакви кризи можат да бидат искористени од земји како Северна Македонија затоа што ќе има реструктурирање на глобална побарувачка и на глобалната економија. Тоа е шанса што треба да се искористи преку различни стратегии. Една од нив е “зелен раст и развој“, што посебно се дискутира на ниво на ЕУ. Ова е прилика да се инвестира во пост-ковид периодот, сите тие државни поддршки што се користат да бидат условени со критериуми да бидат зелени. Тоа би бил бенефит, посебно за Северна Македонија која е земја на која и е потребен развој на проектите за животна средина, вели Ивановски.

 

Слични содржини