Вол Стрит Журнал: Трамп сака решение за косовскиот проблем пред изборите во САД

од Nikola Popovski
177 прегледи

Американскиот претседател Доналд Трамп ги поканил претседателот на Србија и претседателот на Косово на разговори во Вашингтон на 27 јуни, објави „Вол Стрит Журнал“. Трамп има намера да постигне конечен договор помеѓу, како што наведува весникот, „овие две земји“ пред годинешните претседателски избори.

Забележувајќи дека Александар Вушиќ и Хашим Тачи биле поканети на разговори во Белата куќа, весникот посочува дека со решавање на спорот околу статусот на Косово може да се стабилизира целиот регион на Западен Балкан и да се сврти кон Европската унија.

„И покрај ситуацијата во САД и ширењето на коронавирусот, Трамп се надева дека ќе обезбеди долгорочен одржлив формален мировен договор во регионот што беше жариште на ривалските сили, со цел да се подобри неговиот кредибилитет за надворешната политика. „Но, новото отворање разговори меѓу Косово и соседна Србија, руски сојузник поддржан од САД, веќе предизвикува контроверзии во Европа, каде дипломатите веруваат дека Европската унија би можела да се најде во неволја“, се наведува во текстот на американскиот медиум.

Србија и Косово потврдиле дека тие добиле покана за состанок во Белата куќа на 27-ми јуни.

Трамп бил лично заинтересиран за прашањето минатата година, пишува весникот, додавајќи дека претставници на американската администрација веруваат дека решавањето на долготрајниот спор би му значело на Трамп пред изборите, бидејќи разговорите со Северна Кореја и притисокот врз Иран донесоа ограничени резултати досега.

Успешниот исход ќе го прошири влијанието на САД на Балканот, каде Кина и Русија се натпреваруваат агресивно за влијание, особено од почетокот на пандемијата, проценува американскиот весник.

Специјалниот претставник на претседателот на САД, Ричард Гренел, на Твитер објавил дека има услови претставниците на Белград и Приштина да се сретнат на 27 јуни во Белата куќа.

Според него, тој добил уверување од владите во Белград и Приштина дека привремено ќе ги запрат кампањите за повлекување на признанијата, односно барањата за членство во меѓународни организации, за да се сретнат на 27 јуни во Белата куќа.

„Одлична вест! Добив уверување од владите на Косово и Србија дека тие привремено ќе престанат со кампањите за повлекување на признанијата и барањата за членство во меѓународните организации со цел да се состанат во Вашингтон, во Белата куќа на 27 јуни и да расправаат за дијалогот“, напишал Ричард Гренел.