Шкотскaтa премиерка Никола Старџен вети денеска дека ќе објави предлог-закон за нов референдум во Шкотска за независност, вклучително и прашањето и времето на гласање, пред парламентарните избори во земјата следната година.
Во март, Старџен го стави во втор план новиот референдум за независност, со цел да се концентрира на кризата заради пандемијата на коронавирусот. Сепак, постојаната поддршка за независноста на Шкотска ги натера националистите повторно да го покренат ова прашање, објави Ројтерс.
Да потсетиме, на референдумот за независност во 2014 година 55% од граѓаните гласаа за останување во Велика Британија.
„Пред крајот на овој парламент, ќе објавиме нацрт-закон што ги одредува предложените услови и времето на одржување на референдумот за независност, како и предложеното прашање што ќе биде поставено на тој референдум“, рече Старзон.
Шкотска гласаше против „Брегзит“ со 62% на референдумот во 2016 година, кога Британците гласаа со 52% за напуштање на ЕУ.
Доколку Шкотска гласаше за независност, тоа ќе значеше дека Обединетото Кралство ќе изгуби околу една третина од својата копнена маса, скоро десетина од своето население, клучна компонента на својот идентитет и ќе ја уништи шестата по големина економија во светот.
Парламентарните избори следната година се очекува да обезбедат нова платформа за Шкотската национална партија да побара нов референдум за независност, како и за националистите да освојат мнозинство.
Сепак, британскиот парламент ја носи конечната одлука за тоа дали Шкотска може да одржи уште еден референдум, а конзервативната влада на Борис Џонсон во Лондон во повеќе наврати изјави дека ќе одбие какво било барање за ново гласање.
Наместо тоа, владата на Џонсон ги повторува економските придобивки што ги има Шкотска од останувањето во Велика Британија со Англија, Велс и Северна Ирска.