Кој не смее да ја прими вакцината против коронавирус?

од Nikola Popovski

Бидејќи долгоочекуваната вакцина за коронавирус е сè поблизу до нас, толку многу сомнежи се отвораат. За да бидат работите покомплицирани, британската влада, која прва во светот ја одобри вакцината против короната, издаде соопштение дека не треба да се вакцинираат бремени жени, доилки, жени кои планираат бременост и лица со слаб имунитет. Оттука и прашањето – зошто на одредени групи не им е дозволено да ја примат вакцината.

Британската влада на својата веб-страница објави упатства за вакцината против Ковид-19, која ја одобри прва во светот, каде се наведува дека бремените жени, доилките и жените кои планираат бременост, но и лицата со ослабен имунолошки систем не треба да ја примаат.

Што се однесува до бремените жени, доилките и жените кои би сакале да забременат, во образложението се вели дека нема доволно податоци дали вакцината за корона е безбедна за нив, пред се затоа што вакцината воопшто не е тестирана на бремени жени.

Според веб-страницата „ITV.com“, британскиот епидемиолог професор Џонатан Ван Там забележува дека немало насочени тестови на вакцината врз бремени жени, но имало жени кои учествувале во експерименталната фаза на тестирање на вакцината и дека тие потоа се породиле.

Ова, барем до одреден степен, ги побива теориите на заговор што почнаа да кружат дека вакцината предизвикува стерилитет.

Ван Там исто така истакнал дека научниците ќе продолжат да ги следат овие жени и нивните бебиња.

„Во моментов, немаме податоци за тоа како вакцината влијае на бремените жени“, рече тој.

Тој исто така посочи дека на упатствата на британската влада треба да се гледа повеќе како мерка на претпазливост, отколку како знак дека нешто не е во ред или како да е откриен сериозен проблем со вакцините и лековите.

Што се однесува до лицата со ослабен имунитет, и на нив им било речено да не ја примаат вакцината.

Според Кејт Бингам, која ја предводи работната група за вакцинација во Британија, вакцината дејствува на луѓе чиј имунолошки систем работи добро. Сепак, таа посочила дека е можно друго решение.

Со цел да се заштитат луѓето со слаб имунитет од короната, АстраЗенека развива безбедна и ефективна терапија базирана на антитела, која може да им помогне на овие луѓе наместо вакцината.

На крајот, се чини дека бремените жени и лицата со слаб имунитет, но и сите оние кои нема да ја примат вакцината во првиот круг (најверојатно, старите лица и медицинските работници), останува само да се грижат и да носат маски, да држат дистанца до некои подобри денови и редовно да ги мијат рацете.

Слични содржини