Од каде потекнува коронавирусот?

од Stefanija Kuzmanovska
3,4K прегледи

Додека многу научници се бореа да создадат најефикасна вакцина против новиот коронавирус, други се обидоа да решат една од неговите најголеми загатки – од каде потекнува. Светската здравствена организација неодамна формираше меѓународна група од десет научници за да го испита потеклото на вирусот.

Тие ќе треба да испитаат животни за кои постои сомневање дека го пренесуваат вирусот и првите заразени пациенти.

„Сакаме да знаеме од каде потекнува и ќе сториме сè за да откриеме“, рече директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебреизус.

Но, тоа во никој случај не значи дека успехот е загарантиран.

Извор на ширење

Првите случаи на инфекција се појавија во Вухан пред една година, пред земјите ширум светот да започнат со евидентирање на бројот на заразени.

„Времето за откривање на епидемија не мора да значи дека тоа е почетокот на епидемија“, соопшти СЗО.

Многу истражувачи од различни земји во последниве месеци истакнуваат дека имало заразени пред декември 2019 година, а нивните заклучоци се засноваат на анализи на примероци на отпадни води и крв. Но, сè уште нема јасни докази за тоа, рече Етјен Симон-Лориер, вирусолог од Институтот Пастер во Париз.

За да се утврди семејното стебло на вирусот, научниците се потпираат на генетска анализа.

„Тоа треба да придонесе за подобро разбирање на динамиката на пренос, особено како еволуирал вирусот и како жариштата се поврзани просторно и временски“, велат од СЗО.

Пренос на човек

Научниците знаат дека вирусот потекнува од животно.

„Големото прашање е што го натера да ‘скокне’ на човекот“, рече Етјен Симон-Лориер.

„Главните осомничени се лилјаците, за кои многумина сметаат дека се извор на вирусот и ‘голем резервоар на коронавирус’“, додаде тој.

Но, патот до човекот веројатно не бил директен, туку друго животно се вклучило во „приказната“ како посредник.

Истражителите на СЗО ќе треба да ја разјаснат оваа непозната со истражување на пазарот во Вухан каде што се продаваа живи и диви животни и е поврзан со многу рани случаи на инфекција. Притоа тие ќе имаат многу траги што ги немале на почетокот на пандемијата.

Симон-Лориер вели дека би можеле да бараат животно со рецептор на вируси, протеин АЦЕ2, сличен на оној што го има кај луѓето. Преку овој рецептор, вирусот се „приврзува“ за клетката.

Теории на заговор

Според една теорија на заговор, Вирусолошкиот институт во Вухан бил вмешан во пандемијата. Таа идеја беше прифатена и од американскиот претседател Доналд Трамп, кој тврди дека вирусот протекол од тамошната лабораторија. Кина ги негира ваквите обвинувања. Симон-Лориер вели дека досега не може целосно да се исклучи можноста вирусот да избегал случајно, но посочува дека нема докази дека тој е создаден од човек.

„Сите елементи на неговиот геном веќе се видени во природата, најмногу во коронавирусите на лилјаците“, рече тој.

Одгатнување на загатката

СЗО тврди дека сознанието за тоа како започнала епидемијата е „неопходно за да се спречат идните продори во човечката популација“. Но исто така предупредува дека процесот на истражување како болеста преминала од животни на луѓе е „загатка што ќе се решава со текот на годините“.

„Влегувањето на нов вирус во човечката популација е една од најголемите загатки што епидемиологот сака да ги разоткрие“, додава организацијата.

„Целта е да се разбере механизмот за пренос и да се воведат мерки за да се избегне појава на некои САРС-КоВ-3, САРС-КоВ-4 и така натаму“, вели Симон-Лориер.

СЗО испрати претходник во Пекинг уште во јули да ги постави темелите за истрага, но сè уште не е познато кога поголема група научници ќе можат да одат во Кина и да започнат со работа. СЗО се надева дека тоа ќе биде „што е можно побрзо“.

Слични содржини