Кога станува збор за руска салата, одговорот е во количината. Проблемот е во прејадувањето. Кога цело време се храните здраво, една новогодишна вечера нема да претставува голем проблем за вашата килажа, вели Елена Ѓоргиевска, добитничка на наградата „лајфстајл инфлуенсер“ за 2019 година и фитнес инструктор во студиото FitLife во разговор со „Локално“.
„Што се однесува до благите, одговорот ми е еден – здрави десерти. Сега низ интернет можат да се најдат многу лесни и брзи рецепти кои се аналогични на обичните торти, колачи и мафини“, посочува Ѓоргиевска.
Во врска со вежбањето, таа истакна дека најефикасни се тие вежби кои се прават точно и регуларно.
„Има многу различни и сложени комбинации, но доколку не се изведуваат точно, бенефитот е минимален“, објасни Елена.
Како да успееме да се придржиме до здравите начини на исхрана за време на празниците кога на сите ни е добро познато дека е сезона на руска салата и благи?
-Кога станува збор за руска салата, одговорот е во количината. Проблемот е во прејадувањето. Кога цело време се храните здраво, една новогодишна вечера нема да представува голем проблем за вашата килажа.
Инаку и руска салата може да се направи со нискокалоричен здрав мајонез, кој се состои од јогурт, сенф, лимонов сок и зачини по ваш вкус.
А кога зборот станува за благи, одговорот ми е еден – здрави десерти. Сега низ интернет можат да се најдат многу лесни и брзи рецепти кои се аналогични на обичните торти, колачи и мафини. Бенефитот од здрави десерти е во тоа што грото од рецепти содржат интегрално брашно, ленено семе, чиа семе, јаткасти плодови кои се нутриитивно збогатени со влакна, омега3 масни киселини, витамини што ги нема во белото брашно и белиот шеќер.
Препорака за некој здрав рецепт со кој ќе ја збогатиме празничната трпеза.
-Навистина тешко ми е да одберам само еден.
Сега ми се хит новогодишни колачиња со суво грозје.
Потребни состојки:
– 2 јајца
– 100 г овесно брашно
– 100 г интегрално брашно
– 80 г пире од тиква
– 20 г мед
– 1/2 чаша сок од портокал
– 1 лажичка прашок за пециво
– 1/2 кесичка суво грозје, цимет, ѓумбир.
Начин на подготовка:
Најпрвин ги измешав овесното и интегрално брашно со прашокот за пециво и потоа ги додадов останатите состојки.
*Не додадов масло, зошто користев силиконски калапи. Ги купив овие калапчиња во Џамбо пред 2 години, но сигурна сум дека ќе најдете идентични и на Алиекспрес*
Ставете во рерна на 180’ околу 25-30 мин. Израдувајте ги вашите најмили!
Препорака за здрав пијалок.
-За здрав пијалок дефинитивно го препорачувам топлото чоколадо кое го правам дома сама. Во ѓезве на тивок оган ставам да се стопи 3 коцки црно чоколадо, 1 лажичка кокосово масло, 2 лажички рогач или какао и дотурам вода или кокосово млеко, може да дотурите помалце ако го пиете густо или повеќе доколку сакате течно.
Следно ви препорачувам чај од лист од малина со мед.
И една чаша греено вино без шеќер. Но да не се претерува. Алкохолот навистина ни прави голем проблем во губењето килажа.
Препорака за најефикасни вежби кои можеме да ги правиме во домот и не одземаат многу време.
-Кога станува збор за фитнес можеме да дискутираме многу долго. Најефикасни се тие вежби кои се прават точно и регуларно. Има многу различни и сложени комбинации, но доколку не се изведуваат точно, бенефитот е минимален. Фокусот треба да ви стои на правилноста во изведување на секоја вежба и правилното дишење.
Еве еден краток тренинг за кој нема да ви бидат потребни никакви реквизити:
*Започнете со кратко загревање
*Направете 20 скокчиња во место, како на јаже
*20 брзи, 30 џампинг џекс, 10 ланџес, 1 минута пленк, 15 чучњеви со подскок и стомачни (10 обични + 20 странични)
*И завршете со кратко истегнување.
Совет како да го подобриме имунитетот, особено сега кога владеат короната и сезонскиот грип.
-Имунитетот го сочинуваат повеќе работи и една од тие е добар и квалитетен сон, адекватна физичка активност и секако здрава исхрана.
Неколку години по ред денот ми започнува со една чаша вода со лимонов сок. Но витаминот Ц се содржи и во пиперки, магдонос, шипка.
Доколку го пиете чајот со мед може да си подгответе една тегличка мед со ѓумбир и куркума.
Консумирајте голема количина сезонски зеленчук и трудете се да имате салата како дел од вашите оброци.
Уште една убава идеја: Во едена тегла измешајте лимонов сок, прополис, кори од лимон и портокал, лук и мед и консумирајте една лажичка секое сабајле на гладно.
С.К.