Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, изјави дека нивниот конечен договор подразбира различни законски корекции на уставно ниво, пренесува „Репортери“.
Лајчак за „Клан Косова“ вели дека е потребно да се имаат законски прописи за да се постигне договор.
„Откако државите ќе постигнат меѓународен договор, веројатно ќе биде потребно да се вклучат потребните правни аранжмани на уставно ниво, со цел да се интегрираат договореното и потпишаното во согласност со внатрешниот правен поредок, а тоа се однесува и на Косово и на Србија“, рече Лајчак, пренесува „Косово онлајн“.
Лајчак изјави дека двете страни се уште се далеку од приближување на нивните позиции, но дека прават „трилатерална работа за решавање на тоа прашање“.
Дијалогот меѓу Белград и Приштина беше обновен во јули по пауза од 20 месеци. Последниот состанок се одржа на 10 декември на техничко ниво, а се уште не е познато кога ќе биде закажан следниот, особено поради најавените предвремени избори на Косово.