Одбраната на Мирослав Мика Алексиќ (68), осомничен за осум силувања и шест сексуални малтретирања на неговите ученици во просториите на неговото училиште за глума во центарот на Белград, најверојатно ќе се заснова на тврдењето дека Алексиќ е импотентен. Сепак, правните експерти истакнуваат дека тоа нема да му биде од голема помош затоа што Кривичниот законик на Република Србија веќе има предвидено вакви случаи.
Како што пишува „Блиц“, неколку девојки во сведочењата навеле дека Алексиќ имал проблем со одржување на ерекцијата за време на наводните брутални сексуални напади и дека тој никогаш не успеал да достигне кулминација.
Адвокатот Зоран Јаковљевиќ денес се обидел да ги искористи тие факти, изјавувајќи дека одбраната на Мирослав Мика Алексиќ ќе се заснова на информацијата дека неговата простата е отстранета пред неколку години, и дека поради тоа „не можел да изврши силување“.
Јаковљевиќ за Мондо изјавил дека поради тие информации „сè треба да биде јасно за секого“. Сепак, откривањето на оваа информација од здравствената книшка на Алексиќ воопшто нема да му помогне во случаите за кои е осомничен, бидејќи Кривичниот законик го дефинира дејството на силување поинаку отколку што е во секојдневниот говор.
Како што објасни адвокатот Светозар Вујачиќ, Кривичниот законик на Република Србија го дефинира силувањето како „обљува или дело што е изедначено со него со употреба на сила или закана дека директно ќе го нападне животот или телото на тоа или лице блиско до него“.
– Во пракса, тоа значи дека не е потребно да се има сексуален однос за некој да биде обвинет за силување, но едно лице може физички да биде принудено на сексуални дела – посочува адвокатот Вујачиќ.
Вујачиќ додаде дека здравствениот проблем на Алексиќ може да се испита доколку биде споменато на судењето.
– Ако лицето обвинето за силување навистина има здравствен и медицински дефект што спречува вакво дејствие, судскиот експерт ќе го утврди тоа со лекарски преглед. Доколку има сомневање во тоа, од која било причина, испитувањето ќе го изврши одборот на судски експерти – рече Вујачиќ.
Случајот со Алексиќ се обелодени кога младата актерка Милена Радуловиќ во ексклузивно признание за „Блиц“ изјави дека Алексиќ ја силувал кога имала 17 години и тоа се случило повеќе пати.
Исповед искажа и нејзината колешка Ива Илинчиќ, која тврди дека претрпела сексуално малтретирање од Алексиќ, но дека тој не ја силувал.