Османи упати честитка до новоизбраниот Државен секретар на САД, Ентони Блинкен

263 прегледи

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи денес упати писмо честитка до Ентони Блинкен, Државен секретар на Соединетите Американски Држави.

„Ми претставува особена чест и задоволство да Ви упатам срдечни честитки по повод именувањето за Државен секретар на Соединетите Американски Држави и воедно, да Ви посакам успех во извршувањето на оваа  одговорна функција“, напиша Османи на честитката.

Министерот Османи истакна дека е длабоко уверен дека за време на мандатот на Државниот секретар Блинкен, Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави ќе работат уште посилно кон продлабочување на односите меѓу две држави и со заеднички напори успешно ќе се справат со предизвиците кои стојат пред нас.

„Верувам дека новата Администрација и Вие лично ќе имате поангажиран пристап кон Западниот Балкан, со што ќе го зацврстите глобалното и транс – атлантско лидерство на Соединетите Американски Држави“, нагласил Османи.

Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави негуваат традиционално пријателство и соработка која се темели на стратегиско партнерство, сојузништво и споделување на заеднички демократски вредности и определби.

“Дозволете ми во оваа пригода да ја истакнам благодарноста за партнерскиот однос и цврстата поддршка на Соединетите Американски Држави за остварување на стратешките национални приоритети на Република Северна Македонија, што води кон долгорочна стабилност и просперитет не само на нашата држава, туку и на регионот“, наведува на упатената честитка Министерот Османи.

Слични содржини