„Неодоговорно е да им се ускрати правото на оние кои решиле да продолжат на факултет. Учениците коишто не планираат да продолжат на факултет, имаат избор да полагаат само училишна матура и стручен испит“, реагираат од Министерството за образование и наука, откако Сојузот на средношколци порача дека од понеделник продолжува со бојкот на наставата.
Од Министерството посочуваат дека државната матура оваа година ќе се полага по скратена и променета методологија како што МОН уште на почетокот на учебната година одлучи, а со тоа беа сложни и матурантите и средношколските здруженија и наставниците и родителите.
Потсетуваат дека се направени измени и во постојната концепција, односно воведени се два дополнителни изборни предмети- географија и информатика, и дека заедно со средношколците ја напраивиле проектната задача биде интересна за матурантите.
„Исто така, потсетуваме дека работна група во која учествуваат претсавници на средношколците и Државниот испитен центар ќе подготви целосно нова концепција за државна матура, која ќе се користи веќе од идната година и со ова за кратко време направен е голем исчекор кон подобрување на целиот концепт. Апелираме дека образованието мора да продолжи да тече дури и во услови на пандемија, бидејќи се работи за иднината на младите генерации. Министерството од самиот почеток прави се да не дозволи пандемијата да се одрази на развој и напредок на учениците. Свесни сме дека пандемијата донесе многу предизвици и промени, но тоа не смее да ги поколеба учениците и матурантите да продолжат да учат и да се надградувате“, стои во соопштението на министерството.
Од утре, Сојузот на средношколци го продолжува бојкотот на наставата. Тие бараат измени во концептот за полагање државна матура, со кои бараат да полагаат два наместо четири предмети. Тие вчера се сретнаа со пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а по средбата, претседателот на сојузот, Бленди Ходаи побара поддршка од сите народни избраници.