Сојуз на средношколци: Три услови за компромисно решение со МОН, преговорите се уште се во тек

од Nikola Popovski
291 прегледи

Генералното собрание на Сојузот на средношколци донесе одлука да го прифати решението за државната матура, но под три дополнителни услови.

Првиот услов е формирање на работна група меѓу Државниот испитен центар и Сојузот.

„Во оваа група треба да учествуваат претставници на Сојузот (ученици), наставници номирани од наша страна и претставници на ДИЦ. Со групата би претседавал претставник од Канцеларијата на премиерот. Планираме групата да работи до средината на март, а таа за задача ќе има да одлучува кои наставни програми ќе бидат скратени за есктерните испити. Со ова ние се осигуруваме дека ученичкиот глас ќе биде застапен во кратењето на програмите за испитите и дека тие промени навистина ќе се случат“, појаснуваат од Сојузот.

Вториот услов предвидува наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити со своите ученици најмалку 3 недели пред денот на испитот. Под испитни материјали подразбираат: формат на испитот, конректни содржини покриени на истиот и банките на прашања за истиот. Овој чекор, смета Сојузот на средношколци, ќе им овозможи на матурантите соодветно да се подготват за нивните испити.

Нивниот трет и последен услов е зголемување на коефициентот за добивање на поените доколку екстерниот испит е несоодветен за студиите на кои се запишува ученикот.

„Сегашниот модел доделува најмногу 5 поени за несоодветен есктерен испит. Ние бараме бројот на поени да се зголеми на 7. Со ова ги штитиме матурантите кои стравуваат дека нивниот соодветен екстерен испит ќе се претвори во интерен, па тие би изгубиле на поени. Нашето барање ја елиминира оваа појава“, се додава во соопштението на Сојузот на средношколци.

Лидерот на Сојузот, Блерим Ходаи вели дека се уште не е постигнат конечен договор, односно дека преговорите со МОН и натаму се во тек.

Во однос на матурата, тој вели дека имаат уште барања, а едно од нив ќе биде да се извади и просечна оценка од изминатите четири години.

Слични содржини