Џафери закажа седница за одложување на пописот  

од Берта Китинска
187 прегледи

Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја свика седницата на која ќе се одложи пописот. Седницата е закажана за во 13 часот.

Министерот за правда Бојан Маричиќ  во „Студио 10“ објасни дека пописот не е почнат и дека законот се уште не е донесен бидејќи една од пратеничките групи не сака статистичката операција да се одложи.

Тој напомена дека синоќа на координацијата требало да биде донесен законот за попис , но пратеничката група Алијанса и Алтернатива биле против.

-Целта беше уште синоќа да се донесе законот, за жал Алијанса и Алтернатива одлучија да се дискутира во редовен тек, 2-3 дена, инаку можеше се да биде готово уште вчера. Очекувам во текот на денот да биде закажана седница. Најголем дел од пратениците го поддржуваат одложувањето на пописот, Законот ќе помине, само прашање на време е кога ќе помине. Мислам дека претседателот Џафери дава уште малку простор дали во текот на денот ќе има сигнал од АА и Алтернатива се да се заврши денеска, преку поедноставена процедура, изјави Маричиќ.

Државниот завод за статистика денес излезе со соопштение дека нема да ги отпочне пописните активности на терен кои беа предвидени, но додека се чека потврда од Собранието на Република Северна Македонија за одложување на пописот тие ќе направат проверка на сите организациско-технички активности на терен.

“Со оглед на новонастанатата ситуација во врска со Пописот 2021, а во согласност со Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021,  до завршувањето на постапката во Собранието на РСМ што се очекува многу брзо, Државниот завод за статистика нема да ги отпочне пописните активности на терен. Со оглед дека е предвидено Пописот да трае 21 ден, односно до 21 април, Државниот завод за статистика смета дека има доволно време сите предвидени пописни активности да се завршат на време. Во периодот додека се чека разрешница во Собранието на РСМ, Заводот уште еднаш ќе направи проверка на сите организациско-технички активности на терен за да биде уште повеќе сигурен дека сè е подготвено за евентуално започнување со теренското попишување. За сите активности што следуваат, Државниот завод за статистика навремено ќе ја информира јавноста” – стои во соопштението.

Според законот кој се уште е во сила пописот на населението треба да почне денеска и да трае до 21 април.

Слични содржини