Србија донираше вкупно 40.000 дози вакцина Спутник V на С. Македонија, соопшти денеска македонската Влада.
Првиот контингент од 20.000 вакцини веќе пристигна во Скопје, а преостанатите 20.000 дози, како што е најавено, ќе пристигнат „во следниот период“.
Денеска пристигнаа 20.000 вакцини „Спутник В“, донација од Србија. Со ова обезбеден е континуитет на процесот на вакцинација со можност за проширување на групите кои ќе бидат опфатени со имунизацијата. pic.twitter.com/ctwarstPYp
— Зоран Заев (@Zoran_Zaev) April 1, 2021
Вакцините беа примени во Клиничкиот центар во Скопје од страна на премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче.
„Дозволете ми да го споделам моето задоволство од пристигнувањето на втората донација од Србија. Акт на големо пријателство што доаѓа во навистина важен момент за нас. Тоа е донација од двапати по 20.000 вакцини Спутник V (Спутник В) кои доаѓаат во одреден период, кој е важен за нас да го продолжиме континуитетот на масовна вакцинација“, рече Заев пред новинарите.
Вчера започна масовната вакцинација со 24.000 дози вакцини од АстраЗенека кои пристигнаа преку системот Ковакс, а како што истакна Заев, оваа донација од Србија е вредна за да не се прекине процесот на имунизација се додека не пристигнат нарачаните вакцини.
„Овие двапати по 20000 вакцини се навистина вредни за да можеме да го продолжиме процесот на вакцинација континуирано, без никакво одлагање, сè додека не пристигнат нашите количини, кои беа нарачани преку Ковакс-механизмот и во директните договори со Кина, Русија и Фајзер“, објасни Заев.