Подолг полициски час против третиот ковид бран

од Берта Китинска
692 прегледи

Вирусот секојдневно се повеќе зема замав. Бројот на заразени како и на починати расте.

Од денеска полицискиот час ќе започнува два часа порано односно од 20 часот до пет часот следното утро. Оваа рестрикција во движењето ќе трае до 20 април.

Новите рестриктивни мерки кои вчера владата ги донесе имаат за цел да се намали оптоварувањето на здравствениот систем, како и да се избегне потенцијално затворање за верските празници Велигден и Бајрам.

Целосно се затворат кафеаните, кафулињата, обложувалниците, фитнес центрите, реши вчера македонската влада. Целосна забрана да примаат гости ќе имаат и хотелите, мотели, хостели, пансиони и други објекти за сместување или на бензински станици кои имаат делови за служење храна. Објектите кои вршат подготовка и продажба на храна може да продаваат преку онлајн или телефонска нарачка и да вршат достава на храна или самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект, преку пулт.

Исклучок се рестораните во склоп на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, како и угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Обложувалниците ќе можат да работат без да примаат гости во своите објекти и уплатите да ги вршат преку наплатен пункт.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 135.167, бројката на оздравени пациенти е 110.388, на починати е 3.977, а бројот на активни случаи изнесува 20.802.

Слични содржини