Организациите на затворениот руски дисидент Алексеј Навални веќе не смеат да работат, според наредбата на судот во Москва, изјави во понеделникот директорот на Фондацијата за борба против корупција Навални, Иван Жданов.
Забраната останува во сила сè до одлуката за барањето на московското обвинителство да ја класифицира организацијата како екстремистичка и трајно да ја забрани нејзината работа, рече тој, цитиран од „ДПА“.
Кон крајот на минатата недела, Навални, кој е во затвор, го прекина тринеделниот штрајк со глад, откако лекарите упатија апел да започне да јаде, плашејќи се за неговиот живот.
Рускиот опозиционер беше осуден на затвор во казнен логор на почетокот на февруари, откако ја прекрши условната казна поврзана со претходната пресуда.
Се додава дека тој не можел да ги исполни условите за условна казна затоа што бил во Германија и се опоравувал од нападот со труење.
Навални го обвини рускиот претседател Владимир Путин за труењето со „Новичок“ и рече дека казната е лична одмазда за преживување на нападот.