Тотенхем има нов фаворит за тренер откако Нагелсман потпиша за Баерн

од Stefanija Kuzmanovska
324 прегледи

По отказот на Жозе Мурињо се шпекулира кој ќе ја преземе клупата на Тотенхем следната сезона, а прва желба на претседателот Даниел Леви беше Јулијан Нагелсман.

Сепак, веста дека Баерн реши да го прифати барањето за обештетување и дека на РБ Лајпциг ќе му плати од 20 до 25 милиони евра за трансфер на најбараниот тренер, што ќе биде нов светски рекорд, ги принуди „петлите“ да ги сменат своите приоритети.

Во игра има неколку имиња, а англиски „Телеграф“ пишува дека меѓу нив се издвојува тренерот Ерик тен Хаг, кој го однесе Ајакс во полуфиналето од Лигата на шампионите во 2019 година, а оваа сезона веќе ја обезбеди титулата во Холандија со 12 поени предност пред ПСВ на четири кола пред крајот.

Неговото доаѓање особено ќе го воодушеви Пјер-Емил Хојбјерг, кој најмногу се истакна меѓу новодојденците на спарс оваа сезона. Како тинејџер, Тен Хаг некое време го водеше во вториот тим на Баерн, а минатото лето сакаше да го донесе во Ајакс.

„Навистина сакав да го доведам и бевме блиски. Разговаравме неколку пати, тој навистина ќе го подобри нашиот тим“, изјави за холандските медиуми во јануари Тен Хаг, а Англичаните се потсетија на таа изјава деновиве.

Секако, Хојбјерг не е единствениот фактор што Леви ќе го разгледа, но бидејќи клубот веројатно нема да потроши многу претстојното лето, тренер кој е задоволен од постојниот тим сигурно ќе биде во предност.

Слични содржини