Новата повреда на Ибра ги загрижи „росонерите“, еве колку може да паузира

од Vladimir Zorba
332 прегледи

Шведскиот напаѓач Златан Ибрахимовиќ (39), кој го напушти теренот во 66-та минута од неделниот натпревар со Јувентус поради повреда на коленото, би можел да ги пропушти следните два од трите преостанати натпревари во шампионатот, објавија италијанските медиуми во понеделникот.

Ибрахимовиќ кривеше надвор од теренот и беше заменет со хрватскиот репрезентативец Анте Ребиќ, кој потоа постигна прекрасен погодок за водство на Милан од 2:0. „Црвено-црните“ конечно славеа со 3:0, што беше нивна прва победа на гости над Јувентус по десет години.

„Скај Италија“ наведува дека Ибрахимовиќ ќе ја дознае точната дијагноза во вторник, кога ќе биде прегледан, а тренерот на Милан, Стефано Пиоли по натпреварот изјави дека се чини дека повредата на Златан не е од посериозна природа, пренесува „Хина“.

Доколку проценките се покажат како точни, Ибрахимовиќ би ги пропуштил натпреварите со Каљари и Торино и би бил на располагање за натпреварот од последното коло против Аталанта, еден од директните конкуренти за местата што водат во Лигата на шампионите. По 35 кола, Аталанта и Милан имаат по 72 бода, Наполи 70, и Јувентус 69. Само три од овие четири клуба ќе изборат место во Лигата на шампионите за следната сезона.

Ибрахимовиќ, кој неодамна го продолжи договорот со Милан до крајот на јуни 2022 година, веќе пропушти 16 натпревари во сите натпреварувања оваа сезона поради повреди.

Слични содржини