Министерот за внатрешни работи на Србија и претседател на социјалистичкото движење, Александар Вулин, оцени дека е подобро за Србија да се откаже од патот кон ЕУ ако приближувањето кон Унијата подразбира „одрекување од пријателите и лечење на хрватските фрустрации“.
Коментирајќи ја изјавата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ дека Србија треба да одлучи „дали е за ЕУ или Москва“, Вулин рече дека Хрватска се обидува да ја услови Србија „со исчезнување, признавање на геноцид, разни извинувања и сега одрекување од пријатели“.
„Ако нашиот пат кон ЕУ започне со лечење на хрватските фрустрации, продолжи со одрекување од нашите пријатели и заврши со напуштање на самите себе, тогаш е подобро да не одиме во ЕУ. Ако нашиот пат кон ЕУ води преку понижување пред лагите за Сребреница и молчење пред вистината за Јасеновац, тогаш е фер Србија да оди по својот српски пат“, изјави Вулин, објавија од Социјалистичкото движење.