Убеден сум во мудроста на граѓаните на Битола, тие знаат да направат разлика и соодветно да реагираат, да дадат поддршка на концептот на СДСМ и Коалицијата, затоа што сите знаат дека ВМРО-ДПМНЕ ваква нереформирана, прорежимска, на овие избори не е понуда, истакна претседателот на СДСМ на граѓанската трибина во Битола.
Тој истакна дека Мицкоски се одлучи дури на некрофилски политики, иако со нив ги повредува и загрижува луѓе, покажа незрелост со тоа што нема став по ниту едно државничко прашање, не поддржа ниту една важна одлука за граѓаните и за државата и за се е против.
Со ВМРО-ДПМНЕ ќе има повторно кавга дома, ќе има кавга со соседите, кавга со целиот свет, ретроградни процеси, назадување и разочарување, никому тоа не му треба, порача Заев, нагласувајќи дека разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е огромна.
СДСМ ги донесе транспарентноста и отчетноста на највисоко ниво и денес сè се знае, СДСМ ја намали младинска невработеност на 29%, што во времето на ВМРО-ДПМНЕ беше на 42 %, го зголемивме растот на платите за три пати. ВМРО-ДПМНЕ обештети 900 стечајци, а СДСМ обештети 12.000 стечајци. Ја вративме евтината тарифа на струјата, а ВМРО-ДПМНЕ ја имаше покачено струјата за 100 %. Ние создаваме и реализираме антикризни мерки за економска стабилност, а ВМРО-ДПМНЕ или е против, или кочи или ги блокира, истакна Заев.
Тој наведе дека СДСМ изгради и реконструираше 60 градинки, 80 училишта, 60 полициски станици, над 50 здравствени домови и амбуланти, а тие направија 300 споменици, само „Воинот на коњ“, чини колку 30 од темел ново изградени детски градинки.