Ѓоргиева: Податоците од пописот ќе ги споделиме по шест месеци

од Берта Китинска
287 прегледи

Статистичките резултати, добиени од податоците собрани од пописот, освен за статистички цели, ќе се користат и за макроекономски планирања, креирање на развојни политики, научни анализи и за низа други истражувања.

-Наша обврска е по 6 месеци од теренски активности да ги објавиме податоците од пописот, вели за Утрински брифинг Јасмина Ѓоргиева, портпарол на Државниот завод за статистика.

На денешниот последен ден од пописот Ѓоргиева вели дека во ДЗС владее една возбуда од оваа операција што ДЗС долго ја подготвуваше и вложи огромен труд. Од ДЗС се задоволни од текот на попишувањето, а се чека вечер во 20 часот да се повлечат попишувачите и да се започне со следната фаза,

-Нема потреба од продолжување на операцијата. Во некои општини веќе нема попишување на терен, завршена е. Во погусто населените општини пописот сѐ уште трае. Ги охрабруваме граѓаните кои не биле попишани да дојдат во канцелариите на ДЗС и да го сторат тоа, вели Ѓоргиева за Утрински брифинг.

Точна бројка на попишани до синоќа е 1.813.153 граѓани, 562.110 домаќинства и 829.585 станови, а од дијаспората околу 210 илјади граѓани.

-Не знаеме уште колку треба да се попишат оти податоците со кои располагаме се застарени, а во меѓувреме имаше и внатрешни и надворешни миграции. Не можеме ни да претпоставиме какви се бројките, вели Ѓоргиева за Утрински брифинг.

 

Слични содржини