Поранешниот градоначалик на општина Карпош, Стефан Богоев ја коментираше одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да го врати Зоран Ставревски во партијата, како дел од работно тело што ќе ги контролира проектите на градоначалниците. За Богоев, ваквиот потег за враќање во врвот на партијата на кумот и министер за финансии на Никола Груевски воопшто не е наивен чекор.
-Раката на оној од Будимпешта е толку долга што дури оттаму ќе ги контролира градоначалниците на ВМРО – ДПМНЕ. Оној кој нарача тепање на пратеници во 2012та, тој кој ги обезбеди милијардите за налудничавиот проект “Скопје 2014”, човекот од највисока доверба на Груевски и Мијалков сега ќе биде “камшикот” за вмровските градоначалници. Ова само потврдува дека во таа партија, не само што е вкоренет груевизмот, туку истиот се негува и надградува, сокривајќи се зад ликот на професорот Мицкоски, потенцира Богоев.
Според него, Мицкоски се слика во работно време злоупотребувајќи вработени од општини, промовирајќи проекти започнати од СДСМ.
-Советници на ВМРО – ДПМНЕ потпишуваат меници за да бидат држени под контрола и да гласаат по команда на партијата. Дали ќе се најде јунак да се спротивстави на ваквите груевистички политики на Конгресот на ВМРО – ДПМНЕ на 12 Декември, прашува Богоев и додава дека најголемата опозициска партија треба да го следи примерот на СДСМ и да обезбеди непосредно гласање на целото членство.