СДСМ има ноторен проблем низ своето постоење во комуникација со електоратот во Р.С. Македонија и успева често да се отуѓи низ долги периоди на своето владееење. Во оваа смисла, кадрите на СДСМ ќе мора да бидат многу поприсутни на политичкиот „терен“ а многу помалку во сопствените канцеларии и кругови. СДСМ ќе мора да се потсети дека политиката се одвива во политичкото секојдневие на просечниот гласач многу поживо и поконкретно, отколку што се одвива во Брисел, Вашингтон или Москва, вели професорот и аналитичар Ненад Марковиќ во разговор со „Локално“.
За оставката на Заев од претседател на партијата и повлекувањето од премиерската позиција вели дека тој створил преседан кој ќе мора да биде почитуван и во иднина – губење на изборите на кое било ниво имплицира и губење на лидерската позиција.
– Во однос на неговото владеење, имам мешани чувства. Од една страна, влезот во НАТО и стабилизирањето на меѓуетничките односи се негови најголеми успеси. Од друга страна, и самиот Заев и неговата Влада исклучително лошо менаџираа со очекувањата околу македонската евроинтеграција и влезот во ЕУ. Покрај ова тука се и ноторните проблеми со криминалот и корупцијата на сите нивоа во државата, каде и покрај отварањето на одреден број случаи пред судовите, нема значителен напредок, истакнува Марковиќ.
Во однос на новиот лидер и мандатар, Ковачевски, аналитичарот цени дека притисокот кој му го остава претходната влада е преголем, не само за да добие „грејс период“ од 100 дена, туку воопшто и да има соодветно време да се адаптира на новата позиција.
– Ова значи дека покрај економската, енергетската и епидемиолошката криза, високо на агендата ќе бидат и односите со Бугарија и решавањето на проблемот кој ни беше наметнат, како и корупцијата, криминалот и секако сиот дијапазон на проблеми со кој граѓаните секојдневно се соочуваат, вели професорот.
Враќањето на Миле Зечевиќ, Игор Ивановски и Андреј Петров во врвот на СДСМ се толкува од симпатизерите како враќање на партијата на „победнички патеки“. Како гледате вие на вчерашниот Конгрес и промените во партијата?
-Долгото отсуство на одредени личности од партијата а потоа нивното враќање мене повеќе ми укажува на обид за мобилизација на „институционална меморија“ во рамките на СДСМ отколку што тоа сугерира победа или пораз. Во секој случај, спојувањето на нови и релативно (за јавноста) непознати кадри со поискусни кадри секако претставува обид да се избегнат двете крајности – преголемо кадровско иновирање наспроти константното монополизирање на партијата од одредена клика. Дел од јавноста во овие имиња гледа и обид за помирување на различните фракции во СДСМ, теза која според мене, е малку предимензионирана. Сепак овие личности учествуваат и во свој личен капацитет во процесите и политиките на партијата, па со самото тоа не знам колку ова наводно фракционерско помирување е реалност.
Требаше ли Заев да замине за да дојде до обединување меѓу крилата во партијата? Како вие го оценувате неговото владеење?
-Па веќе не е прашање дали требаше или не, туку е прашање што по неговото заминување. Со неговото заминување тој створи преседан кој ќе мора да биде почитуван и во иднина – губење на изборите на кое било ниво имплицира и губење на лидерската позиција.
Во однос на неговото владеење, имам мешани чувства. Од една страна, влезот во НАТО и стабилизирањето на меѓуетничките односи се негови најголеми успеси. Од друга страна, и самиот Заев и неговата Влада исклучително лошо менаџираа со очекувањата околу македонската евроинтеграција и влезот во ЕУ. Покрај ова тука се и ноторните проблеми со криминалот и корупцијата на сите нивоа во државата, каде и покрај отварањето на одреден број случаи пред судовите, нема значителен напредок.
Ковачевски за пошироката јавност е непознат, но во партијата е со долг стаж. ВМРО-ДПМНЕ уште неседнат на лидерската позиција упати (во нивен стил) бројни обвинувања на негова адреса, меѓу другото дека е „пиун на Заев“. Што е тоа што Ковачевски може да го донесе на партијата и поважно, што може да направи за СДСМ да се доближи до граѓаните?
-Врските помеѓу Заев и Ковачевски се очигледни и не се тајна. Поддршката на Заев која му ја даде на Ковачевски директно и резултатот во однос на другите кандидати јасно укажуваат на природата на нивната релација. Секако, Ковачевски ќе мора да се избори за свој автентичен идентитет, како партиски така и државнички, со што ќе мора да ја убеди јавноста дека нема да владее во сенката на Зоран Заев. Ова секако нема да биде лесно, но е една од примарните задачи на новиот лидер.
Во однос на второто прашање, ми се чини дека СДСМ има ноторен проблем низ своето постоење во комуникација со електоратот во Р.С. Македонија и успева често да се отуѓи низ долги периоди на своето владееење. Во оваа смисла, кадрите на СДСМ ќе мора да бидат многу поприсутни на политичкиот „терен“ а многу помалку во сопствените канцеларии и кругови. СДСМ ќе мора да се потсети дека политиката се одвива во политичкото секојдневие на просечниот гласач многу поживо и поконкретно, отколку што се одвива во Брисел, Вашингтон или Москва. Далеку од тоа дека надворешната политика треба да се занемари, но тоа нема да компензира, во смисол на стекнување на политички капитал, за немањето адекватен слух за секојдневните проблеми на електоратот.
Експерти коментираат дека на новиот лидер, и веројатно иден премиер, нема да му се дадат ниту 100 дена за да покаже резултати и дека тој период е „скратен“ за половина поради многуте проблеми и отвореното прашање со Бугарија. Како премиер, каде треба најмногу, според вас, да ги насочи своите сили?
-Би сакал да можам да издвојам само една сфера каде ќе треба да делува. Но притисокот кој му го остава претходната влада е преголем, не само за да добие „грејс период“ од 100 дена, туку воопшто и да има соодветно време да се адаптира на новата позиција. Ова значи дека покрај економската, енергетската и епидемиолошката криза, високо на агендата ќе бидат и односите со Бугарија и решавањето на проблемот кој ни беше наметнат, како и корупцијата, криминалот и секако сиот дијапазон на проблеми со кој граѓаните секојдневно се соочуваат.
Најави борба и против внатрепартискиот клиентелизам. Дали е тоа причината што на Бихаќка паднаа на ова „дереџе“, а доказ се резултатите на неодамнешните локални избори?
-Не сум сигурен дека која било партија во нашето општество може да функционира на кој било друг начин освен клиентелистички. Особено поголемите партии. Справувањето со ваквиот феномен би значело вистинско чудо и мала револуција во внатрепартиските односи и секако би имплицирало дека системот на вредности се сменил фундаментално. А тоа не се случува преку ноќ. Ковачевски секако може да се обиде, но за жал тоа не зависи само од него. За да спречите клиентелизам на кое било општествено ниво, мора да ја уништите побарувачката и потребата тој да постои и функционира. Ова е комплексен напор за кој не сум сигурен дека е доволна желбата на Ковачевски. Но нека почне од некаде, па потоа ќе видиме.
Ќе има ли новиот тим на СДСМ сили да ја извлече земјата од наталожените проблеми? Што очекувате од идниот владин кабинет?
-Она што се очекува се секако резултати на сите полиња кои досега ги споменав. Најургентни се енергетската криза и надворешнополитичкиот проблем со Бугарија, но и останатите проблеми не заостануваат далеку зад овие. Силата на СДСМ да се справи со сите овие проблеми и кризи ќе зависи најмногу од нивната трансформација како партија (и доминантен владин партнер), од односите со коалиционите партнери и опозицијата, но и од збир на егзогени фактори како што се политичката клима во Бугарија, приликите во Европската Унија, НАТО и секако билатералните односи со нашите традиционални партнери. Во овие фактори треба да се бара одговорот на ова прашање. Добар дел од нив се за жал непредвидливи.
Б.М.