Прво интервју на Ериксен: Бев мртов пет минути, сакам да играм во Катар!

од Nikola Popovski
331 прегледи

Данскиот фудбалер Кристијан Ериксен (29) го даде своето прво интервју за данските медиуми по срцевиот удар што го доби на Европското првенство во 2021 година.

Ериксен колабираше во самиот финиш на првото полувреме од натпреварот против Финска (0-1) и многумина веднаш помислија на најлошото, но со врвната реакција на медицинскиот персонал и капитенот Симон Кјаер, тие го реанимираа и го однесоа во болница. На Ериксен му е поставен дефибрилатор кој му ја стимулира работата на срцето, а подоцнежните контроли покажале дека нема постојан проблем со срцето.

Данскиот фудбалер за прв пат проговори за кобната јунска вечер и истакна дека неговата несреќа не ги погодила само членовите на неговото потесно семејство, туку и многу други љубители на спортот.

– Им се заблагодарив на сите што лично ги запознав, од лекарите, играчите, репрезентацијата и семејството, но им благодарам и на сите навивачи кои ми испратија илјадници писма и мејлови. Добив толку многу цвеќиња. Би сакал да им се заблагодарам на сите за поддршката, изјави Ериксен за данскиот „Dr.Dk“.

– Бев мртов пет минути, луѓето го видоа тоа, плачеа во дневните соби или каде било. Среќен сум што сум овде денеска и можам само да им кажам „благодарам за солзите“, но јас сум тука. Зборови на поддршка доаѓаа од сите страни, а има и такви кои ми пишуваат и денес, изјави данскиот фудбалер.

Последен пат играше на 12 јуни минатата година, сега е во потрага по нов клуб, а има голема желба да настапи на Светското првенство во Катар:

– Целта ми е да играм на Светското првенство во Катар. Сакам да играм, тоа е мој начин на размислување постојано. Тоа е целта, сонот. Дали ќе бидам избран е друго прашање. Но, мојот сон е да се вратам. Сигурен сум дека можам да се вратам затоа што се чувствувам подобро. Физички сум во топ форма, рече тој и заклучи:

-Сакам да докажам дека продолжив понатаму и дека можам повторно да играм во репрезентацијата. Повторно, останува на селекторот да го процени моето ниво. Но, моето срце не е пречка.

Слични содржини