Кристијан Ериксен и официјално е играч на Брентфорд, објави новајлијата во Премиер лигата на својата официјална веб-страница. Договорот на 29-годишниот Данец кој ги помина сите потребни прегледи е до крајот на сезоната. Според Фабрицио Романо, договорот има опција да го продолжи до јуни 2023 година.
Ериксен се врати во Премиер лигата откако играше за Тотенхем речиси седум години помеѓу 2013 и 2020 година. Данецот потоа се пресели во Интер, но мораше да се раздели со „нероазурите“, бидејќи италијанските правила не му дозволуваат да игра со вграден дефибрилатор, откако колабираше на теренот за време на првиот натпревар на Данска за ЕП 2020.
Страшниот инцидент се случи пред само седум месеци, но сега Ериксен е подготвен да се врати во акција, бидејќи пред извесно време изјави дека неговата амбиција е да игра на Светското првенство на крајот на годината.
✍ Welcome to Brentford, @ChrisEriksen8 👊#BrentfordFC 🐝 #EriksenJoins pic.twitter.com/O8h5WbdUZ2
— Brentford FC (@BrentfordFC) January 31, 2022
Пред да потпише со Брентфорд, играчот од средниот ред тренираше прво во Швајцарија, а потоа и во младинскиот тим на Ајакс.
„Со нетрпение очекувам да работам со Кристијан. Помина извесно време откако последен пат го тренирав. Од тогаш се случија многу работи. Тој тогаш имаше само 16 години, по што стана еден од најдобрите играчи од средниот ред што играле во Премиер лигата. Освои и трофеи низ Европа и играше во репрезентацијата на Данска. Ја искористивме неверојатната можност да донесеме играч од светска класа во Брентфорд. Седум месеци не тренира со тим, но многу работеше сам“, изјави менаџерот на Брентфорд, Томас Френк.
„Среќен сум што можам да објавам дека потпишав со Брентфорд. Едвај чекам да започнам и се надевам дека ќе се видиме наскоро“, додаде самиот Ерисекн во краткото видео обраќање до обожавателите на „пчелите“.