Голема криза го тресе ПСЖ по елиминацијата од Лигата на шампионите од Реал Мадрид.
Во клубот од „Паркот на принцот“ се вложија многу пари, а трофејот во елитното натпреварување никако да се освои. Годинава лидерот во францускиот шампионат беше запрен во осминафиналето.
Тамошниот новинар Ромен Молина истакна дека главните ѕвезди на тимот се незадоволни и дека сакаат да го напуштат ПСЖ.
– Меси е несреќен во Париз. Кој вели поинаку, лаже. Тој сака да го напушти ПСЖ и не е единствениот – истакна Молина.
Верува дека ќе има уште заминувања од клубот.
– Килијан Мбапе сигурно ќе си замине како слободен играч. Од друга страна, клубот сака да се ослободи од Нејмар, но поради неговата огромна плата никој не го сака, па ќе остане. Ќе си заминат и тренерот Маурисио Почетино, спортскиот директор Леонардо и претседателот Насер Ал Келаифи, тврди тој.
ПСЖ денеска од 13 часот го пречекува Бордо и останува да се види како ќе реагира тимот по испаѓањето од Лигата на шампионите.