Владата и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК викендов ги продолжуваат разговорите во обид да се најде заемно прифатливо решение за зголемување на платите во образованието и предучилишното воспитување и згрижување.
Од СОНК велат дека се уште не добиле конкретен предлог за зголемување на платите и оти до крајот на викендов треба да одлучат за главното барање од Владата, за ставање на штрајкот во мирување и враќање на учениците на настава.
– Добивме некои информации кои повторно не се поврзани со утврдување процент. Сега Советот на СОНК ќе расправа во однос на расправите што ги имавме во Владата и ќе дадеме насоки во однос на членството за изјаснување за главното барање од Владата, во интерес на учениците и децата во градинките, штрајкот да се стави во мирување, се додека за два-три дена, конечено не се дефинира нивниот предлог, а нашето прифаќање или отфрлање, изјави вчера синдикалниот лидер Јаким Неделков.
Вчерашната средба меѓу претставниците на Владата и на СОНК беше на петиот ден од штрајкот во основните и во средните училишта и во градинките.
Засега е неизвесно дали штрајкот на СОНК што почна во понеделникот, ќе продолжи и следната недела.
На последниот состанок во Владата било договорено во наредните денови да се утврди процентот за зголемување на платата кое ќе се испланира и потенцијално реализира со ребалансот на Буџетот, по што учениците од основното и средното образование од понеделник би се вратиле во училишните клупи, а децата од предучилишното воспитување и згрижување во градинките.
Дополнително се разговарало веднаш да почне сеопфатен дијалог со активно учество на синдикатот за трајно решавање на континуираниот раст на платите.