Левица преку протест ќе бара ослободување на Алабаковски

од Nikola Popovski
240 прегледи

Партискиот огранок на Левица од Битола утре ќе организира протест во градот, на кој ќе побара ослободување на пејачот Ламбе Алабаковски. Од партијата бараат отфрлање на кривичната пријава, како и итно процесуирање на кривичната пријава на Левица против претседателот на клубот „Ванчо Михајлов”, поради излагање на подбив на македонскиот народ и предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.

-Бараме Министерството за надворешни работи да врачи протестна нота на бугарскиот амбасадор во Република Македонија, поради континуирано негирање на македонскиот народ, кое кулминираше со отворањето на клуб во чест на крвникот на македонската кауза, Ванчо Михајлов, стои во повикот на партијата.

Претходно партијата истакна дека во услови кога институциите на системот затајуваат да ги заштитат националните и државните интереси, целосно оправдан е потегот на веќе приведениот Ламбе Алабаковски.

-Од тие причини, Левица ќе стапи во контакт со адвокатите кои ќе го застапуваат Алабаковски и ќе се понуди да ги покрие трошоците на одбраната, пишува во соопштението на Левица.

Алабаковски е осомничен дека во саботата ја запалил влезната врата на клубот „Ванчо Михаилов“.

Слични содржини