Куртовски најавува капитални проекти за Маврово и Ростуше: Ќе бидат изработени урбанистички планови за инвестирање во туристички капацитети

од Берта Китинска
484 прегледи

Покрај здравствената и економската криза во општина Маврово и Ростуше успеавме да реализираме околу 60 проекти во вредност од над 32 милиони евра, вели во разговор за „Локално“, Медат Куртовски кој на „Локалните избори 2022“ бара втор градоначалнички мандат во Општина Маврово и Ростуше.

Доколку ја добие довербата од граѓаните за втор мандат вели дека ќе направи се во рамките на можностите да привлече инвестиции кои што ќе значат нови работни места.

-Она на што ќе се фокусираме во наредниот период ќе биде изработка на урбанистички планови со кои ќе се овозможат услови за инвестирање одобено во туристички капацитети бидејќи нашата општина го има целокупниот потенцијал за развој на туризмот, вели Куртовски.

За својот противкандидат вели дека „имаме нормална комуникација бидејќи сме од исто село му посакувам здравје и среќа во животот“.

По вторпат да се кандидирате за градоначалник на Општина Маврово и Ростуше, што е она што досега беше реализирано во вашиот мандат?

– Во изминатите четири и пол години и покрај здравствената и економската криза во општина Маврово и Ростуше успеавме да реализираме околу 60 проекти во вредност од над 32 милиони евра. Изградени се регионални и локални патишта и улици, паркинзи водоводни системи и канализациони мрежи, санирани училишта и спортски игралишта и многу други проекти. Сето тоа е во насока на подобрување на животот на сите наши граѓани.

Кои се вашите идни планови и проекти на кои ќе се насочите доколку го добиете градоначалничкото место?

– Она што во иднина ќе го реализираме се исто така капитални проекти како што се канализациона мрежа во Маврови Анови, реконструкција на основното училиште Хајан Селмани во Ростуше, локалниот пат во село Маврово, водоводот во село Аџиевци, паркинг продтор во Ростуше, Требиште и Скудриње, водоводните линии во Леуново и Маврово и уште многу други проекти.

Очекувате ли нови инвестиции и отворање на нови работни во следните години во Општина Маврово и Ростуше?

– Ние се обидуваме во рамки на нашите можности да привлечеме инвестиции кои што ќе значат нови работни места. Она на што ќе се фокусираме во наредниот период ќе биде изработка на урбанистички планови со кои ќе се овозможат услови за инвестирање во туристички капацитети бидејќи нашата општина го има целокупниот потенцијал за развој на туризмот.

Еден од проблемите на кои регираат граѓаните се дивоградбите во Општината, на кој начин ќе се справите со овој проблем во следниот мандат доколку бидете избрани?

– Важечки план има само за село Маврово и само за таму се издаваат одобренија за градби. УПС за Леуново и Ниќифорово се укинати и таму подолго време не се издава никакво одобрение. Тоа ќе биде така додека се изработат деталните урбанистички планови.

Опозицијата обвинува дека како владин повереник сомнително сте исплаќале народни пари на свои роднини.Ваш коментар за овие обвинувања?

– Овие обвинувања се невистинити. Лицето Тасим Шабани, работел 40 години како наставник, во 2021 година замина во пензија и му беше исплатена отпремнина како и на уште четворица други пензионери. Понатаму Општина Маврово и Ростуше има своја веб страна која треба да се одржува, а порано тоа го правеше лице од Гостивар. Исто така компјутерите во општината се сервисираат и одржуваат со соодветни апликации особено на новите советници кои се избраа во октомври минатата година кога општината набавува лап топи за секој советник. Лицето Емсел Шабани кој е дипломиран информатичар на Штул и работи како наставник по информатика во основно и во средно училиште е ангажиран да ги инсталира потребните апликации на компјутерите (порано тоа го правеше лице кое не е повеќе тука, замина во странство, а сега имаме само двајца информатичари во цела општина). Изработена е нова веб страна на општината и истата постојано ја ажурира и одржува. Јас би ги прашал политичките противници кога веќе сакаат да истражуваат нека проверат до каде се кривичните пријави за нивнoто локално лидерство и колку пари си префрлал сам на себе неговиот татко.

Што бу му порачале на Вашиот противкандидат?

– На мојот против кандидат со кој имаме нормална комуникација бидејќи сме од исто село му посакувам здравје и среќа во животот.

Б.М.

Слични содржини