Фудбалерот на Челзи, францускиот репрезентативец Нголо Канте одбил да го продолжи договорот со лондонскиот клуб, пренесува британски „Атлетик“.
Канте (31) има договор со Челзи до крајот на сезоната.
Раководството на лондонскиот клуб му понуди на францускиот репрезентативец нов договор до јуни 2025 година со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.
Британските медиуми тврдат дека Канте им рекол на челниците на тимот од „Стемфорд Бриџ“ дека за таа понуда не е заинтересиран.
Французинот наводно побарал од Челзи договор до јуни 2026 година со опција за продолжување до 2027 година.
Канте во Челзи пристигна во 2016 година од Лестер со отштета од 32 милиони фунти. Со лондонскиот клуб освои шест трофеи. За сините одигра 262 натпревари и постигна 13 гола.
Британските медиуми потсетуваат дека и во текот на минатата сезона Челзи имаше проблеми со фудбалери кои не сакаа да ги продолжат договорите.
Германецот Антонио Ридигер одби да ја продолжи соработката со Челзи, а потоа без обештетување се пресели во Реал, додека Андреас Кристенсен замина во Барселона.